• понеделник, 23 декември 2024

Сесрпски собор во Белград

Сесрпски собор во Белград

Белград, 8 јуни 2024 година (МИА) - Политичките лидери на Србија и на Република Српска (РС) денеска на „Сесрпскиот собор“ во Белград, објавија „Декларација за заштита на националните и политичките права и Заедничка иднина на српскиот народ“ во која се наведува дека „Косово и Метохија е неотуѓив дел од Србија“ и „се осудува секое непочитување и кршење на Дејтонскиот мировен договор за Босна и Херцеговина“, пренесува Бета.

Во Декларацијата, која ќе биде поднесена на усвојување до собранијата на Србија и на РС, се вели дека „државните органи на српскиот народ треба на соседните народи да им понудат договор за историско помирување, траен мир и развој“.

- Сесрпскиот собор ги поддржува напорите на Република Србија за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет, гарантирани со меѓународното право и резолуцијата 1244 и другите резолуции на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН), како и правото и должноста на Република Србија да се посвети на опстанокот на српскиот народ на Косово и Метохија, се наведува во една од речиси 50-те точки на Декларацијата.

Исто така, „се осудува намерното создавање неподносливи услови за животот на Србите и прогонот што го спроведуваат привремените институции на самоуправа во Приштина“ и „се очекува Србија да продолжи да ги штити правата и животите на своите граѓани на Косово и Метохија, користејќи ги сите заштитни механизми предвидени со внатрешното и меѓународното право“.

- Сесрпскиот собор инсистира на имплементација на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН (1244 од 1999 година) во сите нејзини аспекти. Сесрпскиот собор смета дека спроведувањето на Бриселскиот договор, формирањето на Заедницата на српските општини и постојаниот дијалог се единствениот одржлив начин за решавање на проблемот, се вели во Декларацијата.

Како што е наведено, таа „не ја поддржува Резолуцијата за Сребреница, за која гласаа 84 земји на Генералното собрание на ОН, додека 109 земји беа против, воздржани или не гласаа“ и забележува дека тоа е „обид колективно да се обвини целиот српски народ, што е неприфатливо неспроведливо“.

Во Деклрацијата се посочува и дека Дејтонскиот мировен договор „е трајно и значително прекршен и покрај аспирациите на Република Српска и српскиот конститутивен народ кој се бореа за зачувување на Дејтонската уставна рамка во Босна и Херцеговина, и затоа ги повикува сите меѓународни актери да се вратат на доследно почитување на Дејтонскиот мировен договор“.

Се истакнува дека РС е „единствен и неделив уставен субјект кој самостојно ги извршува своите уставни, законодавни, извршни и судски функции во согласност со Уставот на БиХ - Анекс IV од Дејтонскиот мировен договор и чија територија не може да се отуѓи надвор од Уставот. и законите на РС“.

Сесрпскиот собор констатира дека „Република Српска е задоволна од високиот степен на автономија дефиниран со Дејтонскиот мировен договор, затоа инсистира на суштинска и формална имплементација на Дејтонскиот мировен договор, како меѓународен договор кој не може да се менува еднострано. или преку интервенционизам“. Исто така, се вели дека РС може, до степен до кој смета дека е целисходно, да ги активира сите надлежности кои, според Дејтонскиот мировен договор, се предвидени за ентитетите.

Србија и РС, „во согласност со Дејтонскиот мировен договор, имајќи ја предвид геополитичката положба, економските односи и политичките процеси, интеграцијата кон Европската унија (ЕУ) ја гледаат како стратешка цел, која треба да се реализира преку партнерска политичка и економска рамка со целосно почитување на националните интереси“.

Поддржана е политиката на воена неутралност на Србија во однос на сите постоечки воени сојузи, со што целосно се согласува и РС, која ќе се бори за зачувување на воената неутралност во Босна и Херцеговина.

Заклучено е дека Сесрпскиот собор треба да заседава на две години. Се состои од претставници на Србите избрани во законодавната и извршната власт, членови на академиите на науките и уметностите, членови на Соборот на Српската православна црква и други претставници на српскиот народ поканети од организаторите на Сесрпскиот собор. Најавено е конституирање и на Националниот совет надлежен за координација, следење и извршување на усвоените акти.са/

Фото: РТС

 

 

Остани поврзан