• среда, 21 јануари 2026

Сенегалските репрезентативци би можеле да бидат дисквалификувани поради протест

Сенегалските репрезентативци би можеле да бидат дисквалификувани поради протест

Мадрид, 20 јануари 2026 (МИА) - Сенегалските фудбалски репрезентативци и тренери би можеле да бидат суспендирани од четири до шест натпревари поради нивниот протест за време на финалето на Африканскиот куп на нации против Мароко што заврши со 1:0.

Според шпанскиот весник „AS“, доколку санкциите бидат одобрени, дисквалификацијата би се однесувала на натпреварите од групната фаза на Светското првенство во 2026 година.

Понатаму, според прописите на турнирот, Сенегал се соочува со казна од 50.000 до 100.000 евра за непослушно однесување од страна на неговата делегација и навивачите.

Селекторот на сенегалската репрезентација, Пап Тиав, ги изведе своите играчи надвор од теренот во знак на протест откако беше досуден контроверзен пенал во последните минути од натпреварот. Петнаесет минути подоцна, Сенегал се врати, а голманот Едуард Менди го одбрани пеналот на Брахим Дијаз. Регуларното време заврши 0:0. Голот на Папа Геје во продолжението ја обезбеди победата за Сенегал.

Светското првенство во 2026 година, на кое ќе учествуваат 48 репрезентации, ќе се одржи во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули. зс/

Фото. ЕПА

Остани поврзан