• среда, 25 декември 2024

Сенегал го ограничи пристапот до интернет додека пратениците расправаат за нацрт-законот за продолжување на мандатот на претседателот

Сенегал го ограничи пристапот до интернет додека пратениците расправаат за нацрт-законот за продолжување на мандатот на претседателот

Дакар, 5 февруари 2024 (МИА) - Владата на Сенегал денеска го ограничи пристапот до мобилниот интернет откако опозицијата излезе на протест против одлуката на претседателот Маки Сал да ги одложи претседателските избори закажани за 25 февруари поради контроверзии.

Сенегалските пратеници имаа задача да расправаат за нацрт-законот за одложување на гласањето до шест месеци. Изборите најверојатно ќе се одржат во август, четири месеци по истекот на мандатот на Сал.

Претседателските избори во Сенегал досега никогаш не биле одложени. Протестите се одржаа во неделата и се очекува да продолжат откако опозициските лидери го опишаа одложувањето на гласањето како „уставен удар“.

Сенегалското Министерство за телекомуникации соопшти дека интернетот е прекинат „поради ширењето пораки на социјалните мрежи исполнети со омраза, поврзани со закани и нарушување на јавниот ред“.

Сал ја оправда својата одлука за одложување на изборите со спорот меѓу судството и Парламентот во врска со дисквалификацијата на некои кандидати кои имаат двојно државјанство.

Сенегал е зафатен од политичка тензија најмалку една година.

Аналитичарите велат дека кризата во Сенегал може да има негативно влијание врз стабилноста во Западна Африка во време кога регионот се бори со последиците од неодамнешните државни удари и заканите за демократските институции. паг/

Фото: Википедија

 

 

Остани поврзан