• среда, 25 декември 2024

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка во евроинтеграциите (ДПЛ)

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка во евроинтеграциите (ДПЛ)

Скопје, 7 април 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на европската интеграција. Двајцата министри ги оценија односите меѓу двете држави како одлични и потенцираа дека ова е уште една потврда дека се дава посебно значење на соработката и натамошниот развој на севкупните билатерални односи во исполнувањето на нашите стратешки цели - евроинтеграцијата. 

На прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот вицепремиерот Маричиќ истакна и дека двете Влади имаат иста задача и мисија.

- Да ги приближиме нашите граѓани повеќе до вредностите на ЕУ во наредните години, но и придобивките што ќе ги имаат од тој процесот на пристапување да ги направиме уште повидливи. Со Србија не сме само соседи и географски блиски земји. Со Србија имаме заедничко минато, блиски традиционални врски меѓу двата народа и што е најважно имаме заедничка иднина и ист интерес: Да ги развиваме двете држави по европски терк и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, рече Маричиќ.

Двете земји, како што истакна вицепремиерот, направивме многу и напредокот на двете земји е очигледен.

null

- Денес имаме политички моментум и поддршка од Брисел да дадеме нова динамика на преговорите со ЕУ. Руската агресија врз Украина ја направи јасна потребата од обединување и обезбедување на стабилност на Западен Балкан, што отвори нови можности за регионот да направи чекор напред во евроинтеграциите, а истовремено даде шанса за Украина, Молдавија...., рече Маричиќ.

Според него, европската перспектива на нашите земји како никогаш досега е достижна, а она што се очекува од ЕУ е извесност и јасен план за проширувањето на Унијата, што ќе значи поттик за забрзување со процесите на трансформација на општествата.

- Покажавме дека сме кредибилен партнер на ЕУ и сме подготвени да одговориме на задачите, ред е Унијата да даде временска рамка и да го заврши обединувањето на стариот континент. Мислам дека ова е идеален момент за забрзување на пристапниот процес, имајќи предвид дека годинава се одбележуваат 20 години од Самитот во Солун, кога на земјите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива, земајќи го предвид и новиот геополитички контекст, истакна Маричиќ. 

Со денешното потпишување на Меморандумот за соработка, нагласи вицепремиерот двете земји придонесуваат кон поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ.

null

- Искуствата и размената на знаење, информации, практики меѓу преговарачите, Групата на преговарачи, експертите вклучени во пристапните преговори, како и меѓу ресорните министерства и агенции во спроведувањето на политиките на ЕУ во сите Кластери, ќе ни биде важен придонес во ефикасното водење на процесот, рече Маричиќ.

Осврнувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“, вицепремиерот нагласи дека практично ни покажа како е да се функционира во ЕУ, како е да зборуваме за инфраструктурни проекти, за трговска размена, мобилност на нашите граѓани, за јакнење на економијата и создавање стабилна и поволна средина за инвестиции.

Српската министерка Мишчевиќ истакна дека одлична е хемијата и духот помеѓу двете институции, нарекувајќи ги двете држави „братски“, кои се занимаваат со стратешки работи.

- Соработуваме многу долго и успешно. Понекогаш ние учиме од Македонија, понекогаш тие учат од нас, рече Мишчевиќ.  

Според српската министерка, денес дојде вистинско време да се зборува за новата методологија. 

null

- Многу добро разговаравме за тоа како тече скринингот, како се одвива во кластерите, како изгледаат новите обврски коишто веќе во некоја мерка се разликуваат во она што Србија го правеше во преговарачкиот процес. Но, не само учење туку како што кажа Маричиќ, нашата задача е да се обидеме да најдеме заеднички настап кон ЕУ и државите членки кога е во прашање новата методологија, бидејќи има некои прашања на кои можеме заеднички да одговориме, но и заеднички да ги отвориме односно истите да бидат што е можно повеќе свртени кон нашето разбирање на потребите, рече Мишчевиќ.

Ние, потенцира таа на прес-конференцијата, сега учиме како да разговараме со Унијата како регион, а утре како членки на Унијата како да се групираме како регион и да ги штитиме нашите интереси кои ќе бидат поразлични од другите региони во ЕУ.

Српската министерка посочи дека се работи на што поголемо вклучување на заедничкиот пазар на ЕУ, преку концептот на Отворен Балкан.

- Една од работите што можат да се разговараат е како да се искористат нашите договори за стабилизација и асоцијација за да го подобриме тој сегмент затоа што се согласувам во целост дека најголемата корист од процесот треба да биде достапна на сите нас како граѓани. Сите оние коишто можат да користат прекугранични соработки, проекти кои произлегуваат од таа соработка, оние што имаат потенцијали да се развиваат и да тргуваат со ЕУ, оние кои што се обидуваат да ги унапредат своите капацитети, знаење и вештини за да одговорат на новите предизвици на дигиталниот и ИТ свет на тие прашања апсолутно можеме да разговараме, рече Мишчевиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, на што се должи оптимизмот и ентузијазмот на двајцата министри за влез во Унијата, вицепремиерот Маричиќ рече дека тој се должи на нивната работа и заложба.

null

- Мислам дека оптимизмот го делиме на две-три работи. Прво, на нашата работа, второ, на геополитичкиот момент врзан со војната во Украина и тоа што има расположение кај членки на ЕУ да разговараат за следно проширување, првпат после долго време и наша должност е врз основа на тоа што ние го испорачуваме, а немаме ни малку лесни задачи. Напротив, имаме многу тешки задачи во нашите преговарачки рамки, во сите поглавја не очекува многу работа и имаме плус на тоа тешки билатерали прашања коишто мораме да ги решаваме, рече Маричиќ. 

Министерката Мишчевиќ, пак, рече дека она што се обидуваат тие е да ги сменат нашите општества и држави преку различни процеси на реформи.

- Кога зборуваме за борбата против корупција или кога се зборува за Србија ние всушност изработуваме нова стратегија за борба против корупција по воведување на независното тело од 2009 година и Стратегијата на делување сега сме на чекор или во оној момент кога можеме јасно да кажеме што се „фалинките“. Она што забележавме дека недостига во оваа јасна борба против корупција е превенција, спречување, поцврсто кривично гонење на оние коишто се занимаваат со коруптивни работи. Помеѓу тоа имаме еден голем простор за работа, а тој се нарекува планови на интегритет за секоја професија, кои се процедурите коишто ние како луѓе коишто работиме во државната управа мораме да ги испочитуваме за да докажеме дека вршиме добри активности, рече Мишчевиќ, која е во еднодневна официјална посета на Скопје.  

По завршувањето на прес-конференцијата двете делегации ќе одржат работилница во Владата посветена на евроинтеграциите. ев/нд/

Остани поврзан