• сабота, 21 декември 2024

Самит за здравство: Над 1,3 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за земјите со низок и среден приход

Самит за здравство: Над 1,3 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за земјите со низок и среден приход
Рим, 22 мај 2021 (МИА) - Светскиот самит за здравство вчера заврши со ветување од фармацевтските компании за испорака на повеќе од 1,3 милијарди дози вакцини против Ковид-19 оваа година во земјите со низок и среден приход. Италијанскиот премиер Марио Драги, домаќин на Самитот во Рим, на кој учествуваа претсатвници на Г-20 и на Европска Унија, истакна дека придонесот на приватните компании е „значаен и зачудувачки импресивен“. Американската фармацевтска компанија Фајзер и германската Бионтек ветија една милијарда дози вакцини, додека Џонсон и Џонсон - 200 милиони дози и Модерна 100 милиони дози вакцини против Ковид-19 за државите со низок и среден приход. Вакцините за сиромашните земји ќе бидат по набавна цена, додека за државите со среден приход би биле половина од цената. Фајзер и Бионтек ветија уште една милијарда дополнителни вакцини следната година, додека земјите-членки на ЕУ најавија нови 100 милиони дози во текот на годината. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека голем број од европски испораки ќе бидат преку Програмата на Обединети нации КОВАКС. - Преземените обврски од фармацевтските компании ја одразуваат желбата да се отстранат неправдите и нееднаквостите кога во најтешките моменти (пандемии) некои се затворија и го игнорираа остатокот од светот, истакна Драги, додавајќи дека Светската здравствена организација и Светската трговска организација ќе имаат улога во реализација на преземените обврски. Драги посочи дека од речиси 1,5 милијарди дози вакцини се доставени во повеќе од 180 земји, но само 0,3 проценти во земјите со ниски примања. - Разликите во стапките на вакцинација се зачудувачки. Не само што се неприфатливи, туку и овие разлики се опасни се додека вирусот циркулира слободно низ целиот свет, бидејќи може опасно да мутира и да ја поткопа дури и најуспешната кампања за вакцинација, наведе Драги. И покрај неодамнешниот апел на САД производителите да се откажат од правото на патент за вакцините против Ковид-19, со цел да се зголеми нивната достапност, не е постигнат договор со земјите-членки на ЕУ. ми/

Остани поврзан