• сабота, 20 јули 2024

Сакеларопулу: Отворени сме за дијалог со Турција, но ако е потребно подготвени сме да го браниме суверенитетот

Сакеларопулу: Отворени сме за дијалог со Турција, но ако е потребно подготвени сме да го браниме суверенитетот
Солун, 26 октомври 2022 (МИА) – Отворени сме за дијалог, но исто така сме подготвени да ги браниме нашиот национален суверенитет и нашите суверени права, доколку тоа биде потребно, порача грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, говорејќи за односите со Турција, во обраќањето во Офицерскиот дом во Солун на настанот организиран по повод годишнината од ослободувањето на градот, јави дописничката на МИА од Атина. Сакеларопулу рече дека во последно време Турција „се чини дека повторно избира ескалација на провокациите“, презентира  „нови непостоечки позиции за демилитаризација на островите“ и продолжува „да ја инструментализира болката на бегалците и имигрантите“. -Грција сака смиреност во односите со соседите и отворени канали за комуникација. Но, дијалогот, за да се спроведе и да вроди со плод, не може да се одвива под режим на закани и тензии, туку само врз основа на меѓународното право и принципите на добрососедство, истакна грчката претседателка. Додаде дека Грција континуирано ја зајакнува својата дипломатска и воена позиција, преку соработка и стратешки сојузи. За војната во Украина, рече дека рускиот напад не се однесува само на „херојскиот украински народ, кој ја дава крвта и душата за својата слобода и политичка автономија“, туку е случај што се однесува на сите. -Должност на Европската унија и меѓународната заедница е да ги бранат безбедноста и стабилноста пред авторитарниот ревизионизам и провокативната реторика, порача грчката претседателка.ср/

Остани поврзан