САД и ЕУ загрижени по одлуката на албанскиот Парламент околу минимизирањето на Уставниот суд во однос на пратеничкиот мандат на Џачка
- Прашањето околу одземањето на пратеничкиот мандат на Олта Џачка, поранешна шефица на албанската дипломатија, за што, според законот треба да расправа Уставниот суд, но што го отфрлија социјалистичките пратеници на денешната пленарна седница, предизвика низа реакции
Тирана, 13 септември 2024 (МИА) – Прашањето околу одземањето на пратеничкиот мандат на Олта Џачка, поранешна шефица на албанската дипломатија, за што, според законот треба да расправа Уставниот суд, но што го отфрлија социјалистичките пратеници на денешната пленарна седница, предизвика низа реакции.
Амбасадата на САД и Делегацијата на Европската Унија во Тирана во реакциите изразуваат загриженост и порачуваат дека „правилата мора да се почитуваат“.
- Амбасадата на САД ја споделува загриженоста на Делегацијата на Европската Унија во врска со одлуката на Парламентот на Албанија да игнорира одлука на Уставниот суд. Како што неодамна забележа претседателката на Собранието, Спиропали, преземањето на неопходните чекори за одлуките на Уставниот суд е централна одговорност на Собранието и е исто така од витално значење за поделбата на власта, стои во реакцијата на Американската амбасада, по онаа на делегацијата на ЕУ.
При тоа порачува дека „Владата и институциите мора да ги почитуваат правилата, законите, судските одлуки и уставот – сите тие се таму за да се гарантира дека демократскиот систем е здрав“.
- Нашата загриженост ја изразивме и во последниот извештај за владеењето на правото во Албанија, во врска со тоа што некои одлуки на Уставниот суд не се спроведени од страна на Парламентот, вклучително и во однос на ова прашање, каде што одлуката на Уставниот суд датира од пред повеќе од година и пол (јануари 2023 година). Спроведувањето на одлуките на Уставниот суд од страна на Собранието е од суштинско значење, стои во реакцијата на делегацијата на ЕУ.
Во однос на мандатот на Џачка, Уставниот суд со две одлуки се изјасни дека тој е единственото тело што може да ја испита основата на предметот, поради што Собранието треба да се обрати до оваа институција. Претседателката на судот Олта Зачај јавно изјави дека одлуките на Уставниот суд се обврзувачки и за Собранието.
Владејачките социјалисти, со чии гласови беше отфрлено барањето Уставниот суд да се произнесе по ова прашање тврдат дека Уставот им дава право да не се согласуваат со ваквиот пристап, па за да се реши конфликтот ќе побараат мислење од Венецијанската комисија.
Шефот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, оваа одлука ја нарече „уставен пуч“.
По низата реакции, претседателката на парламентот Спиропали, изјави дека „потребно е дообјаснување на одлуката на Уставот“, па затоа се обратила до Венецијанската комисија“.
Барањето за одземање на пратеничкиот мандат е со цел да може да се почне истрага околу обвинувањата за злоупотреба на службената положба, бидејќи како функционер на сопругот му биле отстапени повеќе илјади хектари земјиште на албанското крајбрежје каде изградил хотелски капацитети, како стратешки инвеститор. вт/ми/