• сабота, 04 јануари 2025

САД ги разгледуваат правилата за ограничување или забрана на кинеските дронови

САД ги разгледуваат правилата за ограничување или забрана на кинеските дронови

Вашингтон, 2 јануари 2025 (МИА) - Американското Министерство за трговија денеска објави дека разгледува нови правила со кои ќе се ограничи или забрани употребата на кинески беспилотни летала во САД поради, како што наведе, заштитата на националната безбедност.

Министерството вели дека кинеските беспилотни летала можат да и овозможат на Кина далечински пристап и манипулација со тие уреди, што може да доведе до откривање на чувствителни податоци од САД.

Во соопштението се повикува јавноста да поднесе коментари за потенцијалните правила до март.

Огромното мнозинство на комерцијални дронови во САД се од кинеско потекло.

Администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, кој стапува на должност на 20 јануари, ќе ги подготви новите правила за ограничување или забрана на кинеските дронови во САД.

САД презедоа голем број чекори минатата година за да се спротивстават на кинеските беспилотни летала.

Во 2019 година, Конгресот му забрани на Пентагон да купува или користи дронови и компоненти произведени во Кина. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан