• среда, 21 август 2024

Русија ја осудува забраната на Украинската православна црква како грубо кршење на слободата на совеста

Русија ја осудува забраната на Украинската православна црква како грубо кршење на слободата на совеста

Москва, 20 август 2024 (МИА) - Руската православна црква остро го осуди усвојувањето на законот од страна на украинскиот парламент, кој дозволува забрана на Украинската православна црква (УПЦ) како религиозна организација поврзана со Русија.

„Врховната Рада на Украина усвои закон, кој со право доби неформален наслов „закон за забрана“ на Украинската православна црква. Овој незаконски акт претставува грубо кршење на основните претстави за слобода на совеста и правата на човекот“, напиша на Телеграм Владимир Легојда, шеф на синодалниот оддел за односи на руската Црква со општеството и медиумите.

Според него, со овој акт се создава правна основа за целосна ликвидација на приходите на канонската УПЦ, која ги обединува мнозинството Украинци, а реализацијата на ова решение ќе доведе до акти на масовно насилство врз милиони верници.

„Врз Украинската православна црква се врши притисок поради нејзининото одбивање да се приклучи на организацијата на расколниците и самосветите, создадена како политички проект насочен кон уништување на заедничкото духовно наследство на рускиот и украинскиот народ. Несомнено е дека прогоните на Украинската православна црква ќе добијат праведна оценка, како што ја добија богоборечките режими од минатото, кои го уништија правото на човекот на вера и припадност на сопствената Црква“, изјави претставникот на Московската патријаршија.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека забраната на религиозни организации поврзани со Русија ќе ја зајакне независноста на неговата земја, повеќе од две години по руската инвазија која го забрза верскиот раздор меѓу соседите.

„Денеска сакам да ја истакнам работата на Врховната Рада. Законот за нашата духовна независност е усвоен“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, додавајќи дека владата ќе продолжи да ја зајакнува Украина и украинското општество.

Врховната Рада на Украина денеска усвои закон кој дозволува забрана на канонската Украинска православна црква во земјата, изјави пратеникот Јарослав Железњак. Тој прецизира дека УПЦ ќе има девет месеци да ги „прекине врските со Руската православна црква“. Законот стапува во сила 30 дена по неговото објавување. Претходно, законот беше поддржан од Сеукраинскиот совет на црквите и религиозните организации.

Од 322 присутни пратеници, 265 гласаа за законот. Во фрагментираниот религиозен пејзаж на Украина, околу 10.000 парохии остануваат под влијание на Московската патријаршија.

Во законот се наведува дека ниту една верска организација која дејствува на украинска територија не смее да има административен центар во Русија, вклучувајќи ја и Руската православна црква, пренесуваат украинските медиуми.

-Имајќи предвид дека Руската православна црква е идеолошко продолжение на режимот на државата агресор, соучесник во воените злосторства и злосторства против човештвото извршени во името на Руската Федерација и идеологијата на рускиот свет, активноста на Руската православна Црквата во Украина е забранета, се вели во текстот на законот.

Забраната е оправдана со поддршката на Московската патријаршија за руската инвазија на Украина, при што украинскиот огранок на Црквата е обвинет за одобрување на злосторства против сопствениот народ.

Официјално, законот има за цел да ја заштити националната безбедност и верските слободи. 

Инаку, УПЦ претходно беше под јурисдикција на Рускиот православен патријарх во Москва. Таа ги прекина врските со Москва во мај минатата година поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина, но беше обвинета дека одржува врски со Русија. Со години во Украина има три ривалски православни цркви, а најголемата е Московската Патријаршија, која формално е украинска, но и одговара на Москва. Од почетокот на војната, украинските безбедносни служби отворија околу 70 кривични предмети против претставници на црквата, меѓу кои и за предавство.

фото: архива

 

Остани поврзан