Русија бара укинување на санкциите, а Украина при евентуално прекршување на договорот ќе бара оружје
- И Украина и Русија официјално потврдија дека е постигнат договор за делумен прекин на огнот односно за безбедно поморство во Црно Море и да стапи во сила забраната за напади врз енергетската инфраструктура во двете земји, договор што беше постигнат минатата недела

Скопје, 25 март 2025 (МИА) – И Украина и Русија официјално потврдија дека е постигнат договор за делумен прекин на огнот односно за безбедно поморство во Црно Море и да стапи во сила забраната за напади врз енергетската инфраструктура во двете земји, договор што беше постигнат минатата недела.
Претходно, Белата куќа соопшти дека Русија и Украина се согласија за прекин на непријателствата во Црно Море, да ја гарантираат безбедноста на поморството и пловидбата, да ја елиминираат употребата на сила и да спречат трговските бродови да бидат воени цели.
Министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров на Икс објави дека Киев ќе ги поддржи двата договора за прекин на огнот, но оти Украина секое движење на руски бродови надвор од источниот дел на Црно Море ќе го смета како кршење на духот на договорите и оти во таков случај ќе има право на самоодбрана.
И претседателот на Украина, Володимир Зеленски истакна дека Киев ќе ги исполни своите обврски од договорот за безбедност во Црно Море, но оти ако Русија го прекрши договорот ќе бара дополнителни санкции за Москва и оружје.
Тој договорот го оцени како Зеленски „чекор во вистинската насока“, но оти е „прерано е да се каже дека договорот ќе функционира, но ова беа вистинските состаноци, правилни одлуки и правилни чекори“.
- По ова, никој не може да ја обвини Украина дека не се движи кон одржлив мир, истакна Зеленски.
Додека Кремљ соопшти дека договорот за ограничен прекин на огнот во Црно Море ќе стапи во сила кога ќе се укинат санкциите за руските банки и осигурителните компании вклучени во меѓународната трговија со храна и ѓубрива и поврзување со системот Свифт.
САД ветија дека ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до глобалниот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, да се подобри пристапот до пристаништата и до платежните системи.
Вашингтон, исто така, вети дека ќе ја поддржи размената на воени заробеници, ослободувањето на цивилите и враќањето на украинските деца депортирани во Русија.
Белата куќа наведе дека САД ќе продолжат да организира преговори помеѓу Русија и Украина. ми/
фото: МИА архива