• недела, 15 декември 2024

Реал Мадрид ги има најскапите играчи во светот, во топ 3 се Манчестер Сити и Челси

Реал Мадрид ги има најскапите играчи во светот, во топ 3 се Манчестер Сити и Челси

Нојшател, 9 октомври 2024 (МИА) - Европскиот шампион Реал Мадрид ги има најскапите фудбалери во светот. Ова го покажува 475-от извештај на Фудбалската опсерваторија (ЦИЕС), кој се обидува да ги извлече трендовите во фудбалот врз основа на статистики и факти.

Реал Мадрид има 34 играчи под договор оваа сезона, со вкупна вредност од 1,728 милијарди евра или во просек нешто повеќе од 50 милиони евра за секој играч од Мадрид.

На второто место во рангирањето е Манчестер Сити кој има договор со 39 играчи вреден 1,471 милијарди евра. Фудбалерите на Пеп Гвардиола чинат во просек по 37,7 милиони во европска валута.

Трет е лондонски Челси, кој сепак во текот на сезоната има договорни односи со дури 54 играчи кои чинат вкупно 1,388 милијарди евра. Нивниот просек е 25,7 милиони евра.

Во првите десет се и англиски Арсенал (1,225 милијарди за 34 играчи), шпанска Барселона (1,124 милијарди за 40 играчи), англиски Ливерпул (1,099 милијарди за 34 играчи), француски Пари Сен Жермен (1,088 милијарди за 36 играчи), англиски Манчестер Јунајтед (989 милиони евра за 32 играчи), англиски Тотенхем (886 милиони евра за 38 играчи) и германски Баер Леверкузен (862 милиони евра за 27 играчи).

Надвор од топ 10 се гиганти како Баерн Минхен, Интер, Милан, Атлетико Мадрид, Јувентус и други.

Првиот тим надвор од Европа е бразилски Палмеирас, кој има 42 играчи под договор за 211 милиони евра.

Челси е апсолутен шампион во Европа, има 54 играчи на располагање, но во светот на прво место е аргентинскиот гигант Бока Јуниорс, кој има 62 играчи на располагање за тековната сезона. дс

Фото: Архива

Остани поврзан