Реакција на српското Здружение на обвинители по заканите од Вучиќ: Никој надвор од ЈО не може да влијае врз обвинителите
- „Членот 155, став 3 од Уставот на Република Србија вели: Никој надвор од јавното обвинителство не смее да влијае врз јавното обвинителство и носителите на јавното обвинителство во постапувањето и одлучувањето во одреден случај“, велат обвинителите.

Белград, 23 март 2025 (МИА) - Српското Здружение на обвинители реагираше на заканите од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ искажани во Лесковац, нагласувајќи дека Уставот на државата ја гарантира независноста на обвинителството, јави МИА од Белград.
„Членот 155, став 3 од Уставот на Република Србија вели: Никој надвор од јавното обвинителство не смее да влијае врз јавното обвинителство и носителите на јавното обвинителство во постапувањето и одлучувањето во одреден случај“, велат обвинителите.
Тие наведуваат дека треба да реагира повереникот за самостојност на Високиот обвинителски совет.
„Но, ако се земат предвид досегашните дејствија, можеби ќе треба да чекаме подолг период за одговор“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во саботата во Лесковац, за време на разговор со граѓани, изјави дека „извлекол поука“ од протестите во Србија и дека ќе побара од сите државни органи да реагираат во секое време и на секое место.
„Ќе ги смениме луѓето што не го прават ова. Тие полицајци кои не сакаат да го штитат редот и законот ќе бидат сменети, оние обвинители кои не сакаат да го штитат редот и законот ќе бидат сменети“, нагласи Вучиќ на собир со граѓани во Лесковац. зш/