• недела, 09 март 2025

Реакција на Синдикатот на Филхармонијата на изјавата на министерот Љутков

Реакција на Синдикатот на Филхармонијата на изјавата на министерот Љутков

Скопје, 7 март 2025 

Вработените во Македонската филхармонија се шокирани и згрозени од денешната изјава на министерот за култура и туризам Зоран Љутков дадена во утринската програма на телевизија „Сител“ во која вели дека ќе разберел доколку барањето за спроведување законски конкурс е на дел од вработените, но „дека тука се работи за волја и болна амбиција на само еден човек, а тоа претседателот на синдикатот“.

Го потсетуваме министерот Љутков, дека претседателот на Синдикатот на Филхармонија во моментов ја спроведува амбицијата и желбата на 102, од вкупно 120 вработени во нашата институција. Значи не на дел, туку на речиси сите вработени во Македонската филхармонија кои се потпишаа на петицијата која беше испратена и лично до него. Синдикатот ги претставува вработените во нашата институција и ги спроведува нивните барања и иницијативи, а кој ќе биде поставен на чело на Македонската филхармонија и тоа како е важно за вработените, но и за самата институција. Од изјавите на Љутков, јасно може да заклучиме дека нему, како министер, не му е важна ниту институцијата, ниту вработените, ниту нашата верна публика која доаѓа на нашите концерти, и дека единствен приориет му е да го исполни меѓупартискиот договор меѓу ВМРО-ДМПНЕ и Влен.

Во денешната изјава кажа искрено жали што името на еден од кандитатите излегло во јавноста и дека ние сме биле тие што ја манипулирале јавноста. Не, господине министер, Вие се обидувате да ја изманипулирате јавноста со тоа што НЕ кажувате дека, вицепремиерот во вашата влада беше тој што го кажа јавно во еден медиум името на г-дин Мустафа Имери, уште пред да биде објавен конкурсот. Ние не правиме притисок со шпекулации и лаги, туку вие, како министер за култура. Ние досега изнесовме факти, а вие изнесовте само лаги и шпекулации.

Ние вработените во Македонската филхармонија можеби сме „болно“ амбициозни зошто сакаме да живееме во нормално општество, во кое културата и музичката уметност ќе бидат ставени на пиедестал, наместо да се газат и да туркаат на маргините поради ситно политички интереси.

Филхармонија, почитуван министре, како што напишаа и нашите колеги од Белградска филхармонија не е само „преубава концертна сала на која и завидуваа колегите од регионот, туку музичарите кои работат во неа“. А, вие со вашата последна изјава најбезобразно потценивте 102-ца вработени во најстарата културна институција кои го искористија своето демократско право да реагираат, кога гледаат дека државата преку незаконски спроведен конкурс сака да им наметне некадарен партиски војник, наместо способен менаџер кој ќе ја води институцијата напред.

Во прилог линк од изјавата на Министерот за култура Љутков и потпишаната изјава од 102 вработени во Македонската филхармонија.

https://www.youtube.com/watch?v=85lEibqQEaA&t=6s

 

Синдикат на Филхармонија 

_____________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: Синдикат на Филхармонија 

 

 

Остани поврзан