• понеделник, 23 декември 2024

Реакции на потерниците од Меѓународниот кривичен суд за лидерите на Израел и Хамас

Реакции на потерниците од Меѓународниот кривичен суд за лидерите на Израел и Хамас

Тел Авив, 21 ноември 2024 (МИА) - Пристигнуваат реакции на потерниците од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот министер за одбрана Јоав Галант и командантот на Хамас Ибрахим ал-Масри, кој се смета за починат.

Потерниците се издадени за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и воената кампања на Израел во Газа оттогаш.

Израелските лидери, на чело со Нетанјаху, го осудија барањето за налог за апсење издадено од главниот обвинител на МКС, Карим Кан, и го оценија како антисемитско и срамно.

„Израел со гадење ги отфрла апсурдните и лажни обвинувања поднесени против него од МКС“, се вели во соопштението на Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го потегот антисемитски.

Израелски претседател Исак Херцог: „Со Одлуката се застанува на страната на тероризмот и злото наспроти демократијата и слободата и се претвора меѓународниот правосуден систем во човечки штит за злосторствата против човештвото на Хамас.“

„Мрачен момент за Меѓународниот кривичен суд“, рече израелски министер за надворешни работи Гидеон Саар оценувајќи дека судот „ја изгуби сета легитимност“ и дека издал „апсурдни налози без овластување“.

„Израел го брани својот живот од терористички организации кои ги напаѓаат, убиваат и силуваат нашите граѓани, овие потерници се награда за тероризмот“, изјави израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид.

Според поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет „потерниците од МКС се дамка на срам, не за израелските лидери, туку за самиот МКС и неговите членови.“

Израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир изјави дека „Меѓународниот кривичен суд во Хаг уште еднаш покажува дека е антисемитски од почеток до крај.“

Судскиот совет составен од тројца судии напиша дека во својата едногласна одлука оцениле дека има разумна основа да верува дека и „поединците намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од предмети неопходни за нивниот опстанок, вклучувајќи храна, вода и лекови и медицински материјали и гориво и електрична енергија“.

„Ниту една друга демократија со независен и почитуван правен систем како оној што постои во Израел, не била третирана со такви предрасуди од страна на обвинителите“, напиша портпаролот на Министерството за надворешни работи Орен Марморштајн на платформата Икс.

Тој додаде дека Израел останува непоколеблив во својата посветеност на владеењето на правото и правдата и ќе продолжи да ги брани своите граѓани од екстремизмот.

Реакции има и од полестинска страна.

„Го повикуваме Меѓународниот кривичен суд да го прошири опфатот на одговорноста врз сите криминални лидери на окупацијата“, се наведува во официјалното соопштение од Хамас:

Високиот функционер на Хамас Басем Наим оцени дека „ова е важен чекор на патот кон правдата и носење правда за жртвите, но останува ограничен и симболичен чекор ако не биде практично поддржан од сите земји“.

Американскиот претседател Џоз Бајден го критикуваше обвинителот од МКС и го поддржа правото на Израел да се брани од Хамас.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, близок сојузник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави: „Судот е опасна шега. Сега е време Сенатот на САД да дејствува и да го санкционира овој неодговорен орган“.

Реакција пристигна и од ЕУ. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел рече дека потерниците на МКС за Нетанјаху и Галант не се политички и дека одлуката на судот треба да се почитува и спроведе.

Министерот за надворешни работи на Холандија Каспер Велдкамп изјави дека земјата е подготвена да дејствува врз основа на потерницата за апсење на Нетанјаху, доколку е потребно.

Портпарол на француското Министерство за надворешни работи посочи дека Франција ќе реагира „во согласност со статутите на МКС“.

Слична реакција дојде и од Блискиот Исток. Министерот за надворешни работи на Јордан Ајман Сафади рече дека одлуките на МКС треба да се почитуваат и спроведат, додавајќи дека „Палестинците заслужуваат правда“. 

И покрај налозите за апсење, никој од осомничените најверојатно нема да се појави пред судиите во Хаг.

МКС е последната инстанца која го иницира процесот во случаи кога домашните власти не можат или нема да ги истражат.

Израел не е член на тој суд и претходно се борел против таквите истраги, потсетуваат организациите за човекови права. ссм/

фото: архива

Остани поврзан