• недела, 21 јули 2024

Реакции во Србија по потпишувањето на Меморандумот за критични суровини

Реакции во Србија по потпишувањето на Меморандумот за критични суровини

Белград, 19 јули 2024 (МИА) - Претставниците на Србија и ЕУ денеска во Белград потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила. Документот го потпишаа српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и потпретседателот на Европската комисија и европски комесар за меѓуинституционални односи Марош Шефчович, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц.
 
Реакции на луѓе и организации што се против тој договор пренесени од агенцијата Бета:

Движењето Двери денеска објави дека потпишувањето на „Меморандумот за стратешко партнерство за одржливи суровини“ не е ништо друго освен „одлука за целосно опустошување на животната средина во Србија и продолжување на продажбата на природните ресурси на Србија од страна на Вучиќ на странци“. Како што се наведува во соопштението, ова е уште една потврда дека „Србија не е слободна земја“ и дека „Александар Вучиќ само исполнува колонијални барања“.

Претседателот на еколошкото друштво „Не дамо Јадар“ Златко Кокановиќ денеска, по повод потпишувањето на Меморандумот за критичните суровини меѓу Србија и ЕУ, оцени дека актуелната власт капитулирала и дека нејзините претставници ја „продале Србија“.  Тој во гостувањето на телевизијата Н1 рече дека никој во предизборната програма не го спомнал рудникот за литиум и дека народот е револтиран и изневерен. „Нашата влада и претседателот ја потпишаа капитулацијата, ние веќе не ги сметаме за наша влада, да поднесат оставки, да распишат избори и не можат да располагаат со нас бидејќи не сме нивна сопственост“, рече Кокановиќ.

Професорот Бранимир Јованичиќевиќ од Хемискиот факултет во Белград денеска изјави дека академската заедница треба поактивна да се спротивстави на отворањето на рудници за литиум. Јованчиќевиќ за агенцијата Бета изјави дека е чудна појава што огромното мнозинство универзитетски професори и академици се уште молчат пред проектот „Јадар“, кој, како што рече, целосно ќе го опустоши еден од најубавите и најбогатите региони во Србија. зш/

 

 

Остани поврзан