• четврток, 07 ноември 2024

Распишан конкурсот за наградата "8 Октомври" по повод денот на ослободувањето на Крива Паланка

Распишан конкурсот за наградата

Крива Паланка, 12 септември 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка денеска официјално го отвори конкурсот за годинашната награда „8 Октомври“, највисоката награда што се доделува во знак на општествено признание за особени постигнувања од значење за развојот на општината и афирмација на градот во Република Северна Македонија и светот.

Наградата се доделува за достигнувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, заштитата и унапредување на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото на поединци или правни лица, а истата ќе биде врачена на свеченостите по повод 8 Октомври, кога општината прославува јубилеј, 80 години слободна Крива Паланка.

-Наградата „8 Октомври“ покрај на физички и правни лица се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или за континуирани успешни резултати во наставни и воннаставни активности, за остварувања во период од една година до објавување на конкурсот, како и за подолг период на работно и творечко ангажирање. Покрај највисоката општинска награда, Општина Крива Паланка доделува и признанија за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка, на поединци и правни лица од градот, државата и странство како и на странски и меѓународни организации за значајно осварување и постигнување во вкупниот општествен развој од сите области на животот и трудот за унапредување и афирмација на општината, се наведува во конкурсот објавен на веб страницата на Општина Крива Паланка.

Конкурсот трае осум работни дена, заклучно со 23 септември 2024, а предлозите за кандидати се доставуваат до Одборот за доделување награди и признанија на Општина Крива Паланка во писмена форма преку архивата на општината. ид/сст/


Фото МИА архива

Остани поврзан