• сабота, 23 ноември 2024

Рамафоса го информираше Си за африканското посредување во Русија и Украина

Рамафоса го информираше Си за африканското посредување во Русија и Украина

Јоханесбург, 10 јуни 2023 (МИА) - Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса го информирал својот кинески колега Си Џинпинг за претстојната посредничка мисија на шестмина африкански лидери во Русија и Украина, соопшти денеска јужноафриканското претседателство.

Во мај, Рамафоса рече дека претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, се согласиле да ја примат мировната мисија. Таа делегација е подготвена да ги посети двете земји во средината на јуни.

Како што соопштија од јужноафриканското претседателство, Си ја поздравил „иницијативата на африканскиот континент и го препознал влијанието што конфликтот во Украина го има врз човечките животи и безбедноста на храната во Африка“.

Африканските земји се тешко погодени од зголемувањето на цените на житото од почетокот на руската инвазија на Украина, главен извозник на пченица и други земјоделски производи. Африка е исто така погодена од поширокото влијание на војната врз светската трговија.

Во африканската делегација ќе бидат претседателите на Конго-Бразавил (Република Конго), Египет, Сенегал, Јужна Африка, Уганда и Замбија.

Медијаторската и мировната мисија доаѓа додека Јужна Африка се обидува да се одбрани од обвинувањата дека, и покрај декларираната неутралност во конфликтот со Украина, застанува на страната на Русија. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан