• вторник, 24 декември 2024

Разрешени десет економски директори на здравствени институции во Скопје и медицинскиот директор на болницата во Гостивар

Разрешени десет економски директори на здравствени институции во Скопје и медицинскиот директор на болницата во Гостивар

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска разреши 10 економски и медицинскиот директор на гостиварската болница. 

Како што потврдија од Министерството за здравство за МИА, разрешени се економските директори во Скопје на Универзитетската клиника за токсикологија, Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“, Универзитетската клиника за психијатрија, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, Универзитетската клиника за неврологија, Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат - максилофацијална хирургија - академик Илија Васков, Универзитетската клиника за дерматологија, Универзитетската клиника за ревматологија, Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања, како и на психијатриската болница „Скопје“.

Разрешен е и медицинскиот директор на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

Министерот за здравство претходно во изјава за медиуми, кажа дека во блиска иднина ќе предложи нов закон за здравствена заштита. Со законот, како што појасни, нема да има економски директори во установите каде има, туку ќе има само „професионален директор“.

-Се надевам што побргу да ги синхронизираме систематизациите и да донесеме нова одлука за спојување на цел Клинички центар во иста установа. Истото важи и за здравствените домови и за болниците, зборувам за периферија, за помалите градови каде има општа болница и здравствен дом, ќе бидат споени во едно и ќе се вика општа болница. Нема да има двајца, тројца, четворица директори, туку само еден како што беше порано, истакна Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Здравствен дом - Скопје.

Претходно денеска Таравари кажа дека Андон Чибишев е новиот директор на Клиниката за токсикологија, а утре ќе биде назначен нов директор на Клиниката за онкологија. 

-  Професор Чибишев ќе биде новиот директор на Токсикологија. Исто така се надевам дека утре ќе го назначиме и новиот директор на  Онкологија бидејќи таму решението за в.д. директорката е поминато кон средината на јуни. На Неврологија, нов директор е поранешниот министер за здравство д-р Фатмир Меџити, изјави Таравари.  бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан