• петок, 08 ноември 2024

Работна средба на министерот Љутков со амбасадорката на САД, Агелер

Работна средба на министерот Љутков со амбасадорката на САД, Агелер

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска оствари работна средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.

Како што соопшти Министерството за култура, Љутков ја запозна амбасадорката Агелер со реформирањето на Министерството за култура и туризам, а беше разгледана можноста за поддржување локалитети што се наоѓаат на транзитна маршрута за нивна поголема видливост за туристите кои транзитираат  низ нашата држава. Тој упати голема благодарност до Амбасадата на САД во нашата држава и до амбасадорката Агелер за можноста за користење средства од Амбасадорскиот фонд за зачувување на културата. Од Фондот, преку јавниот повик, досега се издвоени над милион и пол долари со кои е извршена заштита на многубројни локалитети и објекти и е завршена реставрацијата и конзервацијата на значајни споменици на културата во нашата земја.

-На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете држави, со оглед дека САД се постојани поддржувачи на интегративните процеси на нашата држава. Љутков и Агелер се согласија заеднички да го посетат монументалниот Споменик на слободата од Глигор Чемерски во Кочани, кој целосно се конзервира и реставрира со средства обезбедени од Амбасадорскиот фонд на САД, наведува Министерството. 

Беше нагласена и важноста на американските катчиња (во Скопје, Битола, Тетово, Штип и во Струга), чие успешно функционирање, како што беше истакнато, е уште еден доказ за трајното партнерство што постои меѓу нашите две земји и заложбите за продлабочување на културните врски меѓу македонскиот и американскиот народ.

Амбасадорката Агелер упати покана до министерот Љутков да посетат едно од американските катчиња каде заедно ќе се сретнат со студенти кои ги користат услугите на овие културни центри.

Двете држави догодина ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. мч/са/

фото: Министерство за култура

Остани поврзан