• среда, 25 декември 2024

Протест на вработени во водостопанската подружница „Брегалница“ - Кочани поради три неисплатени плати

Протест на вработени во водостопанската подружница „Брегалница“ - Кочани поради три неисплатени плати
Кочани, 30 август 2022 (МИА) – Вработени во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово организираа мирен протест пред влезот на претпријатието поради тоа што не ги добиле платите за изминатите три месеци. Незадоволни се што и покрај успешното реализирање на работните задачи за одржување на каналската мрежа, наводнување на земјоделските површини во брегалничкиот регион и одличната наплата на побарувањата за извршените услуги, не ја добиваат заслужената месечна заработувачка. - Протестот го организираме спонтано, како краток прекин во работењето, за да ги алармираме одговорните на АД Водостопанство во Скопје дека практично од утре исплатата на платите ќе доцни три месеци. Трпението попушта, а неплатените обврски за трошоците што ги имаме за нашите семејства се натрупуваат. Одржавме состанок со Сојузот на синдикатите на кој ги изложивме проблемите, а тие се заеднички за сите водостопански подружници во државата. Договоривме да организираме штрајк, при што покрај исплата на платите, едно од барањата ќе биде и реорганизација на фирмата. Во нашата подружница има само дваесетина вработени на неопределено време, иако потребите од работници на терен се многу поголеми, а од друга страна во централата во Скопје има трипати побројна администрација. Очигледно е дека ваквата организациска поставеност не функционира добро, истакна Станче Стефанов, вработен во подружницата „Брегалница“. Вработените се незадоволни затоа што наплатата на водниот надоместок се реализира одлично, со над 90 отсто, а тие редовно исполнуваат работните обврски, но не добиваат плата. -Со овој краток протест сакаме да се слушне нашиот глас, а потоа повторно ќе се вратиме на работните места, затоа што работата не смее да трпи. Протестот не е синдикално организиран, но во наредниот период очекуваме поддршка и од синдикатот, истакна Драга Петрова, вработена во водостопанската подружница „Брегалница“. Протестот траеше околу половина час, по што вработените во „Брегалница“ се вратија на работните места. та/дма/

Остани поврзан