Просечна пчеларска сезона во кумановско
- Просечна е пчеларската сезона во кумановско, соопштија денеска од Здружението на пчелари „Пчела“ од Куманово. Приносот изнесува околу десет килограми по кошница. Од здружението, нагласуваат дека се задоволни со оглед што летово имаше долготрајна суша. Пчеларите чиишто кошници се наоѓаат на повисоките планински места оствариле малку повисоки приноси.
Куманово, 4 септември 2025 (МИА) - Просечна е пчеларската сезона во кумановско, соопштија денеска од Здружението на пчелари „Пчела“ од Куманово. Приносот изнесува околу десет килограми по кошница. Од здружението, нагласуваат дека се задоволни со оглед што летово имаше долготрајна суша. Пчеларите чиишто кошници се наоѓаат на повисоките планински места оствариле малку повисоки приноси.
-Пролетниот развој на пчелите беше малку забавен поради измрзнување на сите овошни паши кои можевме да ги имаме, сите дрвца измрзнаа, но имавме доволно дожд за да се појави различна трева од која пчелите собраа полен, се развија добро и во почетокот на јуни бидејќи нашата главна паша е драка или чалијата. Нашите пчели собраа доволни количини на мед и за нас и за себе. Потоа настана и еден сушен период крајот на јуни, јули, август, изјави претседателот на Здружение „Пчела“ Куманово, Бобан Стошевски.
Како што појаснува сезоната почнала со забавен пролетен развој на пчелите поради измрзнувањето, главната паша се спровела на почетокот од јуни, кога пчеларите собрале доволни количини мед со кои се задоволиле потребите на локалниот пазар. Сушниот период настапил кон крајот на јуни и придонела за недостаток на вода, принудувајќи ги пчеларите да носат вода до пчеларниците. Оние кои ги прселиле кошниците на повисоките места, каде има повеќе вода и вегетација оствариле повисоки приноси и на овој начин, успешно се справиле со климатските промени кои сè повеќе го зафаќаат Балканот. Освен сушата и пожарите негативно влијаат врз приносите. Во Бељаковце пожар уништил пчеларник со 35 семејства и членовите на здружението му подариле кошници на нивниот постар колега.
Цената на медот во Куманово останува 600 денари по килограм, што е иста од 2020. Пчеларите очекуваат врнежи кои се клучен фактор за обновување на вегетацијата. ам/сст/
Фото МИА