• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на домашни производи „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“

Промоција на домашни производи „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“

Скопје, 2 ноември 2024 (МИА) - Над 300 излагачи и над 50 здруженија, федерации, индивидуални земјоделци ќе ги промовираат нивните домашни производи на настанот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ што ќе се одржи денеска во паркот Авионче во Ново Лисиче.

Како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оваа манифестација ќе се промовираат домашните и традиционални производи.

- Преку мерки во програмите, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство им помага на земјоделците да произведуваат повеќе храна во Македонија, со што ќе се намали увозот, а истовремено работиме да станеме препознатлив бренд во светот. За вакви настани Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство додели 56 договори за поддршка на локални манифестации/саеми во вредност од над 6 милиони денари. Токму преку вакви настани се промовираат македонските производи, руралниот туризам и зачувување на традиционалните вредности, наведуваат од МЗШВ.

Настанот го организира здружението „Винотек“ со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Како помагатели се јавуваат и Организацијата за храна и земјоделство на ООН – FAO, Постојаната работна група за регионален рурален развој - SWG RRD, Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ), имплементирано од Германското друштво за интернационална соработка (GIZ) и проектот за поддршка на диверзификација на економски активности во Југоисточна Европа. вг/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан