• понеделник, 23 декември 2024

Промовиран протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица

Промовиран протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица

Скопје, 20 март 2023 (МИА) - Во 2022 година вкупниот број на новоевидентирани „деца на улица“ изнесува 90, како и работа со 78 стари случаи. Опомени имало за 22 родители. Шеесет деца биле згрижени во дневен центар, а четири деца биле сместени во мал групен дом. 

Овие податоци ги соопшти денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на настанот на кој беше презентиран протокол за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица.

- Овој број мора да се намалува, а токму овој протокол уверена сум дека ќе ни помогне во тоа. Затоа што вложувањето во човечкиот капитал, клучниот приоритет на Владата на Република Северна Македонија, започнува токму од вложувањето во секое дете, истакна министерката. 

Во присуство на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, амбасадорот на Норвешка, Јон Еуген Гелштад, постојаниот претставник на УНДП, Арменд Григоријан, денеска беше промовиран и презентиран протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица. 

Во своето обраќање, Тренчевска рече дека правото на живот и слобода, почитување на достоинството и еднаквоста на човековите права, денес стануваат општествени начела, а интересот за положбата на децата се смета за еден од најзначајните, и можеби ја носи квалификацијата на „судбинско прашање“ на секое општество кое има граѓанска определба.

Таа нагласи дека воспитувањето и подигањето на децата во средина каде тие ќе ги имаат сите потребни услови за нормално детство и соодветен развој, е, едно од основните општествени прашања.  Министерката додаде дека семејството и нивните родители или старатели, не можат секогаш да ги заштитат децата од надворешни опасности и закани, а често и самите тие се извор на кризи и насилство врз децата.

Токму децата раснати во вакви семејства, рече, имаат долгорочни последици од доживеаната траума, нивното здравје и развој е нарушено, како и нивниот психички, социјален и морален интегритет.  Затоа, додаде, заштитата на децата на улица е многу сложен и комплексен процес во  постапување на повеќе сектори во системот на заштита на децата.  Министерката нагласи дека децата на улица  имаат право на заштита од сите надлежни  институции кои можат адекватно да одговорат на нивните потреби, особено на злоупотрeбените деца, да ги заштитат и да им помогнат во процесот на надминување на ризикот. Затоа, додаде, се промовира и поттикнува процесот на  меѓусекторски пристап и соработка, наспроти изолирано постапување на секторите.  

- За подобрување на состојбата и меѓусебната координација во постапување помеѓу институциите и нивните одговорности во однос на децата на улица, се наметна потребата од креирање на протокол за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица.  За подготовка на овој важен документ, Министерството за труд и социјална политика формираше работна група со претставници од МВР, МОН, МЗ, МП и НВО, со цел координирано постапување со децата, заштита, нивно вклучување во општеството, и активности за спречување на оваа појава, информираше Тренчевска. 

Таа соопшти дека сериозноста во пристапот и неопходноста да им се помогне на децата од улица, наметна воспоставување на широка лепеза на постапки и мерки, наменети за стручните лица кои се во допир со целната група и на кои им е потребен унифициран, стандардизиран и единствен начин на постапување со овие деца. 

Министерката подвлече дека оправданоста на протоколот за постапување и упатување на децата од улица се огледува и во неодложната потреба Република Северна Македонија, да ги усогласи своите активности во социјалната заштита на децата со оние на европските земји, а како уште еден чекор во доближувањето на земјава, кон европските текови. 

- На крајот мора да потенцираме дека иднината на секое општество зависи од неговата способност да го негува здравјето и благосостојбата на следната генерација деца. Доколку не успееме да им обезбедиме на децата сигурно и безбедно општество како здрава основа за продуктивен живот, истовремено ја загрозуваме иднината, просперитетот и безбедноста на нашето општество.  Затоа потребен е сеопфатен и системски пристап од сите нас, со единствена цел да се разбијат стереотипите, да се подигне јавната свест и да се овозможи децата да живеат во услови на благосостојба и почитување на нивниот најдобар интерес, рече Тренчевска. 

Пред присутните се обрати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

- На мое големо задоволство, го промовираме протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица, документ кој ни беше потребен како институции, посебно за стручните лица кои се во допир со целната група – деца на улица, каде што е потребен унифициран, стандардизиран и единствен начин на постапување со овие деца. А најголемата придобивка и клучниот момент на овој Протокол, како што кажува и самото име на документот, е токму мултисекторскиот и мултидисциплинарниот приод во соработката помеѓу институциите и нивните одговорности, како основа за оттргнување на овие деца од улица, нивна заштита и целосно вклучување во општеството, рече министерот. 

Тој нагласи дека децата се нашата иднина, но низ улиците секојдневно среќаваме деца без родителски надзор.

- Тие продаваат ситни производи, питачат или собираат стари работи од контејнерите, а не ретко ги чистат ветробранските стакла од автомобилите на фреквентни крстосници, доведувајќи ги во опасност сопствениот, но и животите на останатите учесници во сообраќајот.  И овие деца на улица се нечии деца. Во суштина анализите на овие улични деца кај нас покажаа дека тие имаат домови и семејства, но економската состојба на семејствата е на многу ниско ниво и отсуствува родителската грижа и заштита. Па наместо да се на училиште – тие талкаат и безделничат, наместо да се во својот дом или да растат низ играта со врсниците – тие питачат, вршат работни активности, истакна Спасовски. 

А не ретко, додаде тој, поради условите на живот, отсуството на родителска заштита и контрола, како и лесната достапност за потенцијалните сторители на кривични дела, овие деца се изложени на ризикот да станат жртви на разни видови злоупотреба или занемарување, да бидат вовлечени во девијантни појави и однесувања, како вршење кражби, проституција и слично. 

- Затоа се определивме за пристап според кој тие деца ќе ги третираме како наши деца.  Уверен сум дека сите ќе се сложиме – на децата не им е местото на улица, туку во училиштата, во образовниот процес. Потребно е нивно целосно вклучување во општествените текови, како и организирана заштита, како здравствена, така и социјална. Токму тука ја препознавме нашата обврска, да се погрижиме ниту едно дете да не биде лишено од основните човечки потреби и удобности, подвлече министерот. 

Заеднички, рече Спасовски, да помогнеме да го направиме ова место подобар свет за нив, за да можат да живеат, а не само да преживеат. 

- Од овие аргументи бевме водени при креирањето на новиот протокол за постапување со деца на улица, еден мултисекторски обврзувачки документ, кој дава насоки за дејствување на сите актери кои се занимаваат со деца и семејства, и од јавниот и од граѓанскиот сектор. Овој протокол содржи широка лепеза на постапки и мерки наменети за  стручните лица ширум земјава, кои се во допир со оваа целна група и претставува гаранција дека сите преземени постапки, одлуки и мерки во текот на целиот процес на третман и заштита, ќе бидат во најдобар интерес на детето, нагласи министерот. 

Тој подвлече дека и за МВР, но и за сите релевантни институции, како што се МТСП преку центрите за социјална работа, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука заедно со образовните институции, невладиниот сектор и локалната самоуправа, како и за професионалците кои работат со децата на улица, протоколот значи воспоставување на ефикасна и оперативна процедура за брза и координирана постапка, за заштита на децата на улица од изложување на неповолни околности или штета. Но и обезбедување соодветна помош и поддршка на децата, нивна заштита, како и определување на превентивни мерки, што обезбедуваат безбедна и стимулативна средина за животот и работните активности на секое дете, особено на децата во ризик.  

- Овој протокол, што денеска го промовираме, е уште еден показател дека категорично одбивме да стигматизираме. Напротив, како држава која ги има ратификувано речиси сите главни договори за човекови права на меѓународно и на европско ниво, меѓу кои и конвенцијата за правата на децата, ние одлучно избравме да се грижиме и да се заложиме за еднаквост за децата на улица. Бидејќи сѐ додека секое дете на улица не е безбедно, ниту едно дете на улица не е безбедно, истакна Спасовски. бд/аа/

ФОТО: МИА

Остани поврзан