• среда, 25 декември 2024

Промени на правилата за влез во Грција

Промени на правилата за влез во Грција
Атина, 17 јуни 2021 (МИА) – Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство на Грција, на денешниот состанок, како што соопшти заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, едногласно, одлучила да се воведат одредени промени поврзани со туризмот и начинот на влез во земјата, јави дописничката на МИА од Атина. Како што објасни Хардаљас, за земјите од зелената листа дозволен ќе биде влез со рапид (брз) тест наместо со ПЦР, а за децата под 12 години, нема да биде потребен тест.  За оние од портокаловата и црвената категорија, правилото останува непроменето, односно задолжителен е тест за сите со наполнети шест години. -Од останатите трети земји дозволен ќе биде влез во земјата според обележувањето на секоја земја во зелена, портокалова и црвена боја. За зелените земји важат постоечките правила. За портокаловите земји дозволен е влез на лица кои се вакцинирани, со вакцините признати од нашата земја и откако направиле ПЦР тест 72 часа пред нивното заминување. Исклучени од оваа одредба се граѓаните од земјите кои се наоѓаат на црвената листа и за кои продолжува да важи одредбата за карантин од седум дена, рече Хардаљас. Дополнителни детали и појаснувања околу земјите, според информациите на дописничката на МИА од Атина, ќе бидат соопштени од Министерството за туризам на Грција. Во однос на мерките во Грција, Хардаљас соопшти дека  за да се избегнат редиците пред продавниците, од сабота, во внатрешноста, ќе биде дозволено по едно лице на 16 метри квадратни, а не на 25 како што беше досега; ќе се отворат игротеките, но само на отворено; а одново ќе бидат отворени и луна парковите. Од 1 јули, ќе почнат да работат и кино салите со 50 отсто од капацитетот, а за посетителите задолжителен ќе биде или негативен селф тест или сертификат за вакцинација. Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција соопшти дека надлежната комисија одлучила, вакцинираните да можат да вежбаат без маска во фитнес центрите. ср/зш/

Остани поврзан