Продолжува поддршката за учесниците кои го гаснат пожарот над Пехчево
- Продолжува поддршката за учесниците кои го гаснат пожарот над Пехчево.
Пехчево, 31 јули 2024 (МИА) – Продолжува поддршката за учесниците кои го гаснат пожарот над Пехчево. Од утрово голем број граѓани и општествено одговорни компании се вклучија во обезбедувањето храна и намирници за сите кои волонтираат и даваат поддршка пожарот да биде ставен под контрола.
-Сакаме и ние да помогнеме, дониравме кроасани, кока-кола за да се закрепнат од гаснењето на пожарот оние кои го гаснат. Страшно за Пехчево, шумата ни изгоре. Се надеваме дека денес ќе се стави под контрола, вели жителка на Пехчево.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански упати благодарност до сите кои помагаат да се спречи потенцијалната катастрофа.
-Знаете дека од вчера гори борова шума, што можевме спасивме, продолжуваме на терен. Благодарност до сите кои помогнаа од соседните градови, рече Китански.
Донација за сите кои гаснат е обезбедена и од приватни стопанственици.
-Компанијата „Зегин“ ги стави на располагање сите регионални ресурси, нашите вработени во аптеките ги ставивме на располагање за помош во Пехчево. Пораката е дека не е убаво за тие што седат по кафеаните и не помагаат. Инаку ние обезбедивме и гориво за сите кои гаснат, како и храна и пијалаци, истакна Благој Механџиски сопственик на компанијата „Зегин“.
Елица Јовевска од Општина Пехчево е една од одговорните за отворениот пункт, каде се пакуваат производите и се праќаат директно на жариштето каде пожарот сè уште е активен.
-Во моментот тука помагаат лица од Советот, од Црвен крст, голем број на граѓани ни помагаат, пакуваме храна и вода кои потоа се дистрибуираат до жариштата. Благодарност до сите кои помагаат во овој момент на Пехчево, рече Јовевска.
Во моментот пожарот се контролира од воздух со хеликоптерска поддршка, а во гаснењето се вклучени доброволци, резервисти, армиски припадници, шумска полиција, вработени во Национални Шуми, ЈКП „Комуналец“, како и пожарникари од Делчево, Берово, Пехчево и други градови. вс/ир
Фото: МИА