• среда, 27 ноември 2024

Пробно тестирање на Македонската берза за тргување со електрична енергија

Пробно тестирање на Македонската берза за тргување со електрична енергија

Скопје, 17 март 2023 (МИА) - MEMO ДООЕЛ во изминатите четири дена изврши пробно тестирање на пазарот на електрична енергија ден-однапред кој е предвидено официјално да почне со работа на 10 мај 2023 година, информираат од компанијата.

-За време на тестирањето извршивме симулација на четири различни сценарија - нормален ден; технички проблем пред затворањето на книгата на налози плус доцнење во објавувањето на резултатите; технички проблем по затворањето на книгата на налози плус доцнење во објавувањето на резултатите; и технички проблем плус процедура на не одржување на аукција. Резултатите од симулацијата се одлични, со повеќе од 24 потенцијални учесници активно вклучени во тестирањето, посочуваат од МЕМО.

Со оглед на постигнатите резултати при тестирањето, нагласуваат, уверени сме дека пазарот ќе биде целосно оперативен до датумот на започнување со работа на 10 мај 2023 година.

-Веднаш по официјалното одобрување на Правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија (берзата на електрична енергија) од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, ќе го отвориме процесот на регистрација на учесниците на пазарот ден-однапред, велат од МЕМО и додаваат дека почетокот на регистрацијата ќе биде официјално објавен.

Со воспоставување на пазарот ден-однапред, како што нагласуваат, ќе се овозможи формирање на релевантна референтна цена  на електричната енергија во нашата држава, ќе се овозможи пазарно поврзување со соседните пазари, а со тоа и ќе се олесни достапноста на електричната енергија на учесниците на пазарот на големо.

-Сето тоа претставува еден од основните предуслови за приватни инвестиции во енергетиката и во енергетско интензивните стопански дејности, порачуваат од МЕМО.вј/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан