• вторник, 17 декември 2024

Проблеми во железничкиот сообраќај во Грција поради невремето „Бора“

Проблеми во железничкиот сообраќај во Грција поради невремето „Бора“

Атина, 2 декември 2024 (МИА) – Затворени училишта во неколку области, проблеми во железничкиот сообраќај и материјална штета остави зад себе невремето „Бора“ што во текот на викендот ја зафати Грција, а најпогодени беа островите Лимнос и Родос, Солун, Халкидики, како и областите Пиерија и Тесалија, јави дописничката на МИА од Атина.

Поради поплава во еден од тунелите кај месноста Темпи, железничкиот сообраќај меѓу Атина и Солун се одвива само до Лариса од каде што патниците се пренесуваат со автобуси до Солун и обратно.

Противпожарната служба на Грција од саботата претпладне до утрово во шест часот примила 3.024 повици за помош, од кои повеќе од половина, односно 1.660 биле во северниот дел на Грција, 1.200 на Родос, а останатите на островите Лимнос и Хиос и во североисточниот дел на земјата.

Според порталот „Метео“ на националната опсерваторија во Атина, за време на викендот биле регистрирани „екстремно високи врнежи од дожд во областите Халкидики, Пиерија, Иматија, Пела и на островите Родос, Лимнос и Тасос“.

На островот Лимнос како што вчера објави МИА во невремето животот го загубија две лица, а поради штетата на патната инфраструктура беше воведена забрана за движење на возила. ср/

Остани поврзан