• сабота, 23 ноември 2024

Пристапниот процес и Планот за раст на ЗБ меѓу темите на разговор на средбата Муртезани - Копман

Пристапниот процес и Планот за раст на ЗБ меѓу темите на разговор на средбата Муртезани - Копман

Брисел, 5 септември 2024 (МИА) - Завршувањето на скрининг процесот и следните чекори за отворање на Кластерот 1 од преговорите за членство, Планот за раст на Западниот Балкан и Реформската агенда, претстојниот Извештај на ЕК за земјата и добрососедските односи и регионалната соработка, беа главни теми на денешната средба во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување (ДГ НЕАР) при Европската комисија, Герт Јан Копман. 

Министерот Муртезани го информираше Копман за реформските процеси и ја потврди заложбата на Владата за усогласување со стандардите и вредностите на ЕУ.  

На средбата се разговараше и за уставните измени и очекувањата од Европската Унија во овој важен чекор. 

Како што информира Министерството за европски прашања, во контекст на Реформската агенда, подготвена е врз основа на насоките и усогласените процедури и чекори со Европската комисија, беше нагласена потребата од предфинансирање за да се обезбеди успешна имплементација на реформите, со цел да се реализирала главната цел на Планот за раст за Западниот Балкан за периодот 2024-2027 - некои од придобивките од членството во Унијата граѓаните на земјите од регионот да ги почувствуваат уште во текот на претпристапниот период, односно пред формалниот прием во ЕУ. 

Во рамките на вториот ден од работната посета на Брисел, предвидено е Муртезани да се сретне и со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, постојаниот претставник на Унгарија во ЕУ, амбасадорот Балинт Одор, чија земја е актуелен претседавач со Унијата и со претседавачот на Комитетот за правни работи (ЈУРИ) на Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук, кој во претходниот парламентарен состав беше известувач на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) за земјава.  

Вчера, на првиот ден од посетата на Брисел, Муртезани се сретна со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Валентина Суперти и со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ГД НЕАР, Сигрит Бретел со кои разговараше за тековниот евроинтегративен процес на земјата, чекорите што претстојат за понатамошен напредок, како и имплементацијата на Планот за раст за Западниот Балкан на Европската комисија и поврзаната со него Реформска агенда. сп/са/ 

Фото: МЕП 

Остани поврзан