• сабота, 13 декември 2025

Привршува изградбата на новиот парк во Струмица

Привршува изградбата на новиот парк во Струмица

Струмица, 4 септември 2025 (МИА) - Привршува изградбата на новиот парк во Струмица на површина од 40.000 метри квадратни кај новата Детска градинка „Виножито“, информираше градоначалникот Костадин Костадинов.

Според него, на местото кое што требаше да биде бетон и трговски центар, никнува нов живот, а Струмица го добива својот нов градски парк, со првите пешачки патеки и со прекрасен амфитеатар кој ќе биде местото на културата, музиката и заедничките моменти.

-Ова не е само парк. Ова е победа на духот на градот. Победа на љубовта кон природата, кон нашата иднина и кон нашите деца. Место каде што ќе се среќаваме, ќе се дружиме, ќе одмораме и ќе сонуваме, изјави Костадинов.

Инаку, средствата за подигање на новиот парк се обезбедени од општината и од Интеррег ИПА програмата меѓу нашата земја и Бугарија. Зедно со бугарската општина Петрич, Струмица аплицираше за добивање на неповратни финансиски средства во износ од околу половина милион евра од отворениот повик за инвестициски проекти од Интеррег ИПА програмата меѓу Северна Македонија и Бугарија за уредување на новиот парк во населбата „Карпош“.

Со добиените пари Општина Струмица изврши подготовка на земјата, поставување на систем за наводнување, засадување на садници, поплочување на зони за движење на посетители, уредување на зони за рекреација, инсталација на опрема за декоративно и парково осветлување, како и поставување клупи и друга урбана опрема.рт/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан