• петок, 08 ноември 2024

Приведени пет странски работници, немале пријавено престој во државата

Приведени пет странски работници, немале пријавено престој во државата

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - Полициски службеници од Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Југ и државен инспектор за труд вчера извршиле контрола на градилиште над демиркапиското село Дрен. 

Како што информира денеска МВР, при контролата, на градилиштето биле затекнати С.В.(47), А.Х.(33) и А.Р.(60), сите од Република Турција, при што било констатирано дека престојуваат спротивно на целта, односно биле работно ангажирани за фирма од Скопје без да имаат одобрение за престој врз основа на вработување.

Поради сомнение за сторен прекршок по член 217 став 1 од Закон за странци лицата биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Михајлово.

Полицијата вчера, во 12.45 часот, на земјен пат од село Дрен кон истото градилиште извршила контрола на патничко возило „дачиа дастер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Ц.(34), а сопатник бил М.З.(28), двајцата од Народна Република Кина. Притоа било констатирано дека двајцата немаат пријавено престој во државата, односно постапиле спротивно на член 190 став 3 од Законот за странци.

Лицата биле приведени во Полициската станица за граничен надзор Михајлово.

- Против турските и кинеските државјани е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка, а од Основен суд Неготино изречени им се глоби од по 200 евра и мерка за доброволно враќање во рок од седум дена, се вели во соопштението од МВР. мд/ев/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан