Пендаровски - Агелер: Да продолжи посветеноста кон европските интеграции
- Евроинтегративниот процес на Северна Македонија во контекст на комплетираниот скрининг процес и неодамнешните одлуки на Советот на ЕУ, биле во фокусот на разговорите на денешната средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Прајс Агелер.
Скопје, 19 декември 2023 (МИА) - Евроинтегративниот процес на Северна Македонија во контекст на комплетираниот скрининг процес и неодамнешните одлуки на Советот на ЕУ, биле во фокусот на разговорите на денешната средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Прајс Агелер.
- Во таа насока се согласија дека е потребно да продолжи посветеноста кон европските интеграции, имајќи предвид дека преку процесот на преговорите за членството во ЕУ ќе се овозможи позитивна трансформација на демократските капацитети на општеството, ќе се отворат можности за поголем економски просперитет, размена на услуги и добра, како и поголема мобилност на населението за образование и професионален развој, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
На средбата биле разменети мислења и за состојбите во регионот, како и безбедносните случувања во поширокиот регион, војната во Украина и случувањата на Блискиот Исток.
Претседателот Пендаровски изразил задоволство од стабилното и динамично македонско-американско пријателство, нагласувајќи дека македонското општество и граѓани особено ја ценат поддршката од САД.
Во таа насока, се вели во соопштението, тој изразил уверување дека американската поддршка ќе продолжи и во периодот што претстои, како гарант за мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион. цр/сa/
Фото: Кабинет на Претседателот на државата