• сабота, 23 ноември 2024

Претседателот на Комисијата за европски прашања Адеми се сретна со грчката амбасадорка Филипиду

Претседателот на Комисијата за европски прашања Адеми се сретна со грчката амбасадорка Филипиду

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, денеска остварил средба со амбасадорката на Грција во Република Северна Македонија Софија Филипиду. 

Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата, Адеми изрази благодарност за цврстата поддршка на Грција за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, која ги започна преговорите за членство во ЕУ, како и за подготвеноста на Грција да го сподели искуството со нашата земја на овој план.

Адеми ја информирал амбасадорката Филипиду дека во координација со премиерот и претседателот на државата формирана е работна група на Министерството за правда за уставни измени, која ќе работи на подготовката на измените на Уставот.

Амбасадорката Филипиду, како што се наведува, оценила дека интензивирањето на билатералните средби на високо ниво е доказ за зголеменото зближување меѓу двете држави. Таа истакнала дека Грција отсекогаш ги подржувала европските амбиции на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Филипиду додаде дека соработката ќе продолжи и во наредниот период преку организирање на работилници, официјални посети и средби на експертско ниво со цел да се олесни процесот на преговори со ЕУ.

- На средбата беше изразено заемно задоволство од позитивниот развоен тренд во билатералните односи и конструктивниот политички дијалог меѓу двете земји по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој отвори една нова страница во билатералните односи и создаде позитивна клима за плодна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, соговорниците разменија мислења околу можностите за натамошно унапредување и продлабочување на соработката меѓу двете земји на билатерален, регионален и мултилатерален план, се посочува во соопштението од Собранието. ев/ цр

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан