• сабота, 13 декември 2025

Препукувања во Струмица меѓу СДСМ и Костадинов за неисплатена плата на вработените во ЈП „Паркиралишта“

Препукувања во Струмица меѓу СДСМ и Костадинов за неисплатена плата на вработените во ЈП „Паркиралишта“

Струмица, 19 август 2025 (МИА) - Се уште неисплатената плата за јули на вработените во ЈП „Паркиралишта“ и блокираната сметка, која според нив се должи на ненавременото исплаќање на средства кон нив од Општината за новогодишното украсување на градот и поставувањето канделабри во центарот на градот, предизвикаа прекупукувања меѓу Општинската организација на СДСМ и градоначалникот Костадин Костадинов.

Во известувањето разгранокот на СДСМ изразува загриженост за состојбата во која е доведено ова јавно претпријатие.

-ОО СДСМ со политиките во минатото е препознатлив по ажурноста и редовното сервисирање на обврските кон јавните претпријатија, па затоа итно апелираме градоначалникот Костадинов веднаш да изнајде решение и веднаш да го исплати долгот кон ЈП „Паркиралишта“ Струмица, за да можат вработените да ги добијат своите заостанати плати и да фунционираат во нормални услови, се наведува во реакцијата.

Се додава дека Општина Струмица е симбол на ефикасност и почитување на работничките права, затоа нема да дозволат да се руши кредибилитетот кој е граден години наназад, а ОО СДСМ Струмица ги почитува сите работнички права и ги поддржува работниците во користење на сите правни алатки за заштита на нивните права.

Во реакцијата на градоначалникот Костадин Костадинов, објавена на фејсбук, се наведува дека тој не е противкандидат на овие избори и тоа јавно го кажал и затоа како што напиша би било добро Општинската организација на СДСМ и кандидатот за градоначалник да престанат да се занимаваат со него.

-Завршната сметка, како и секоја година, се гласа по завршувањето на фискалната година и е на увид и за советниците и за јавноста. Недозволиво е повеќе од една деценија претседател на Совет да не ја види завршната сметка и да дозволува панични и избрзани реакции. Но, на крај простено им е и ги разбирам. До овој момент, кон ЈП „Паркиралишта Струмица“ се исплатени 114.999.645 денари, што е јасен показател за редовното подмирување на обврските на Општината кон претпријатието, стои во реакцијата на Костадинов.

Инаку, синдикатот на ЈП „Паркиралишта“ се закани доколку до петок вработените не ја добијат јулската плата ќе започнат со подготовка за генерален штрајк. рт/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан