• среда, 13 ноември 2024

Премиерот на Нов Зеланд побара прошка за злоупотребите во државните психијатриски болници и домовите за деца

Премиерот на Нов Зеланд побара прошка за злоупотребите во државните психијатриски болници и домовите за деца

Велингтон, 12 ноември 2024 (МИА) - Новозеландскиот премиер Кристофер Лаксон им се извини денеска на стотиците илјади луѓе злоставувани додека биле под државна грижа и го признал „незамисливото страдање“ предизвикано на тие луѓе во сиропиталиштата и психијатриските клиники.

Околу 200.000 ранливи Новозеланѓани биле подложени на ова насилство од 1950-тите, според јавното истражување објавено во јули, кое го опиша феноменот како „незамислива национална катастрофа“.

Негуватели поврзани со црквата сексуално злоупотребувале деца, мајките биле принудени да ги дадат своите деца на посвојување, а пациентите биле смирувани со електрични шокови додека биле врзани за нивните кревети.

Луксон денеска се извини во име на последователните влади кои ги затворија очите пред овие злоупотреби.

-Жал ми е што никој не ви поверува кога дојдовте да го пријавите насилството, изјави новозеландскиот премиер пред парламентот.

„Некои од вас можеби мислат дека моите зборови не вредат многу по сето ова време и страдање. Но, се надевам дека денес, со ова извинување и со признавањето на вашиот товар, ќе биде малку полесно за некои од вас“, додаде Луксон.

Тој го спомена случајот со психијатриската болница Лејк Елис на северот од земјата, каде што се вршеа стерилизации без знаење на пациентите, неетички медицински експерименти и казни за електричен шок.

Многу жртви пријавуваат трајна траума што можеби довела до проблеми со зависноста. Истрагата заклучи дека дел од насилството е поврзано со расизам врз домородното население Маори. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан