• петок, 22 ноември 2024

Постери со слики на Трамп и Гренел во Приштина: „Направете го Косово повторно големо“

Постери со слики на Трамп и Гренел во Приштина: „Направете го Косово повторно големо“

Приштина, 12 ноември 2024 (МИА) – На централниот плоштад во Приштина денеска осамнаа постери со сликите на избраниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот соработник, поранешниот емисар за дијалогот меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Насловот над сликите на Трамп и Гренел, налик на познатиот слоган на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA), на постерите во косовската престолнина е „Направете го Косово повторно големо“.

Трамп победи на претседателските избори на 5 ноември, со што, четири години по првиот мандат, обезбеди враќање на претседателската функција. Тој ќе ја преземе задачата во јануари.

Како што јавија медиумите, плакати со повикот за „Голема Србија“ и слики на Трамп и Гренел се појавија ден претходно во Белград.

Гренел беше клучна фигура на првата администрација на Трамп за балканскиот регион, откако беше назначен за емисар во дијалогот меѓу Косово и Србија. Тој посредуваше во договорот за економска нормализација меѓу тие две држави, кој сега е познат како Вашингтонски договор.

За време на неговиот мандат, Гренел имаше судири и меѓусебни обвинувања со косовската Влада предводена од премиерот Албин Курти. Во првиот мандат на Курти, тогашниот коалициски партнер, а сега опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово, ја напушти коалицијата што ја имаше со партијата на Курти, Движење самоопределување (ВВ) под изговор дека ги расипува односите со САД. Курти тогаш го одби барањето на Гренел за договор со Србија. 

По изгласувањето недоверба на тогашната Влада на Курти, премиер стана Авдулах Хоти, кој со српскиот претседател Александер Вучиќ се согласи да потпише договор во Белата куќа, во присуство на Трамп, како тогашен претседател на крајот на неговиот прв мандат. Овој договор не е спроведен, а Курти вчера изјави дека ќе се нафати со него откако ќе биде спроведен договорот од Брисел. иа/

Фото: КосоваПрес

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан