• четврток, 05 декември 2024

Премиера на уметничкото видео „Вештини за оживување“ на Клелија Живковиќ

Премиера на уметничкото видео „Вештини за оживување“ на Клелија Живковиќ

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Во КСП Центар Јадро вечер од 20 часот премиерно ќе биде прикажано уметничкото видео „Вештини за оживување“ на Клелија Живковиќ. Учесници и коавтори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска.

Како што соопшти КСП Центар Јадро, во период од три месеци петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности.

-Проектот се занимава со оживувањето како вродена карактеристика која нѐ обединува нас луѓето со остатокот од живиот свет. Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува... Секој од членовите на тимот дефинираше своја „вештина за оживување“ - одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее. Отфрлајќи ја заблудата дека да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница, соопшти КСП Центар Јадро.

Како резултат од овој процес произлезе уметничкото видео „Вештини за оживување“ кое премиерно ќе биде прикажано вечер.

На видеото работеше тим во состав: Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа).

Проектот е дел од Артс хаб програмата на КСП Центар Јадро, поддржана од Фондацијата Отворено Општество во Северна Македонија. хс/вг/

Фото: КСП Центар Јадро

 

Остани поврзан