Премиера на „Анна“ во Театар Комедија
- Претставата „Анна“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ, ќе биде премиерно изведена вечер во 20 часот на сцената на Театар Комедија во Скопје. Ова е десетта премиера на Театар Комедија за 2025 година.
Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - Претставата „Анна“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ, ќе биде премиерно изведена вечер во 20 часот на сцената на Театар Комедија во Скопје. Ова е десетта премиера на Театар Комедија за 2025 година.
- Ана има сè - углед, стабилност, совршено семејство. Но зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога го среќава Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Но, дали навистина може да се ослободи? Драма за жената која избира да има избор и ја плаќа цената на својата одлука. За бракот во кафез и бунтот кој станува ново ропство. За вечното прашање: Што губиме кога се обидуваме да се најдеме? Драмата е инспирирана од „Ана Каренина“, но не претставува нејзина драмска адаптација. Дали светот е навистина променет, дали ние луѓето сме навистина променети, дали денеска после 150 години Ана има шанса да победи? – стои во режисерката експликација.
Сценографијата, дизајнот и графичката реализација се на Илина Ангеловска. Костимите се на Ивана Каранфиловска Угуровска. Музиката е дело на Оливер Јосифовски. Насловната улога ја толкува Маја Љутков. Играат: Благој Веселинов, Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Тони Денковски(глас).
Последната премиера за годинава публиката на Театар Комедија ќе ја дочека во ново гледалиште со 305 целосно нови столчиња и ПВЦ-под, што со заеднички сили го овозможија Министерството за култура и туризам, Полската амбасадата во земјава, преку програмата „Полска помош“, на Владата на Република Полска.са/
Фото: Театар Комедија - Скопје