• четврток, 30 јануари 2025

Прв телефонски разговор меѓу Калас и Рубио, темите биле Украина, Иран и Кина

Прв телефонски разговор меѓу Калас и Рубио, темите биле Украина, Иран и Кина

Брисел, 29 јануари 2025 (МИА) – Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи Каја Калас и американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа го имале првиот меѓусебен телефонски разговор откако на 20 јануари администрацијата на претседателот Трамп ја презеде власта во САД, а главните теми им биле војната во Украина, Иран и Кина.

Разговорот доаѓа во време на зголемена европска загриженост за тоа што новата администрација, со нејзиниот пристап „Америка на прво место“, ќе значи за трансатлантските врски во одбраната и безбедноста, економијата, трговијата и другите области.

„Разговаравме за глобалните прашања каде ЕУ и САД имаат заеднички интереси, вклучувајќи ја руската војна во Украина, злобното влијание на Иран и предизвиците што ги носи Кина“, објави Калас на платформата „Х“.

„ЕУ и САД се секогаш посилни заедно. Со нетрпение очекувам да се сретнеме наскоро“, наведе поранешната естонска премиерка во својата објава на Х.

Официјален претставник на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Калас и Рубио се фокусирале на заедничките приоритети.

„Тие се согласија за потребата да се одржи максимален притисок врз Москва да се придвижи кон праведен и одржлив мир во Украина. Разговараа и за дестабилизирачката улога на Иран и политичката транзиција на Сирија“, рече претставникот.

Американскиот претседател Доналд Трамп побара членките на НАТО да потрошат пет отсто од својот БДП за одбрана, што е значително зголемување од сегашната цел од два отсто и ниво што ниту една земја на НАТО, вклучително и САД, во моментов не го постигнува.

„Калас ги нагласи зголемените инвестиции на Европа во одбраната и нејзината подготвеност да преземе поголема одговорност, заедно со важноста од диверзификација на снабдувањето со енергија“, рече претставникот на ЕУ.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан