• сабота, 28 декември 2024

Почна повлекувањето на законите за администрација од собраниска процедура, ќе се доработуваат низ широка јавна дебата

Почна повлекувањето на законите за администрација од собраниска процедура, ќе се доработуваат низ широка јавна дебата

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Министерството за јавна администрација  (МЈА)  ја почна постапката за повлекување на предлог-законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници. Целта е, како што соопшти денеска ресорниот министер  Горан Минчев, да се изготват поквалитетни решенија кои ќе бидат практично применливи и кои ќе овозможат бенефит за сите засегнати страни.

Минчев на брифинг со новинарите, најави широка јавна дебата за законите и изрази надеж дека тие ќе бидат донесени и ќе стапат во сила од јануари 2025 година, како што првично беше предвидено. Во рамки на дебатата, напомена, ќе се разговара и за реакцијата на синдикалците според кои, актуелното покачување од 15 проценти на платите не е доволно и е еден од клучните проблеми.

Со новите законски решенија, потенцира, прв пат ќе се формира и агенција за стручно усовршување и обука на административците, но се уште се размислува дали овој орган ќе биде дел од МЈА или од Владата.

-Сите добри решенија кои се веќе дел од законите, ќе останат, но сметам дека е потребно уште еднаш, низ транспарентен и консултативен процес, да донесеме одржливи закони кои нема да бидат „шминка и декор“, туку ќе бидат системски и прилагодени да одговорат на новите предизвици во насока на креирање професионална, департизирана и мотивирана јавна администрација, согласно принципите на СИГМА, истакна министерот.

На прес-конференцијата по брифингот, тој потенцира дека формирањето на Министерството за јавна администрација е клучен чекор кон поефикасна и потранспарентна влада.

-Неговото создавање е стратешки одговор на тековните предизвици во бирократската неефикасност и недостатокот на транспарентност. Со централизирањето на административните реформи коишто ќе бидат под капата на посветено министерство, а тоа е МЈА Владата има за цел да создаде поодговорен, ефикасен и транспарентен јавен сектор. Во наредниот период ќе се посветиме на реализација на реформските надлежности на Министерството, односно подобрување на ефикасноста преку предлагање на иницијативи од страна на ова Министерство за да го намалат времето на административна обработка преку рационализација на процедурите и намалување на бирократијата, рече Минчев. 

Новиот Предлог-закон за вработените во јавниот сектор ќе отвори повеќе теми: подобрување, ефикасност и ефективност со управувањето на човечките ресурси, дорегулирње на постапката за вработување, ревизија на опфатот на законот, поедноставување на постапката за донесување на актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места, како и воведување унапреден концепт за донесување на годишниот план за вработување и дорегулирање на постапките за мобилност.

-Со новиот Предлог-закон за административните службеници ќе предложиме и ќе отвориме повеќе теми во делот на вработување, управување со учинокот што се темелени врз компетенции, поедноставување и доуредување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, нов систем за пресметка на плати, дополнително мотивирање на вработените и исто така унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата, објасни министерот.

Истакна и дека Предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници е нов закон.

-Со овој закон прв пат во историјата на нашата администрација системски се предлага уредување и институционално се опфаќа стручно усовршување и обука и тоа се уредува како системски организиран процес. Во неформалното образование прв пат ќе се формира агенција за стручно усовршување и обука и таа ќе биде за административните службеници и која во развиените земји и членките на ЕУ одамна се смета за капитална инвестиција во човечките ресурси. Идејата е да имаме агенција, но останува да размислиме дали не би било подобро ваквата агенција да биде орган во состав на МЈА, а не под Владата. Верувам дека новите закони ќе треба да ги решаваат прашањата со поставување јасни стандарди и очекувањата за вработените во јавниот сектор, обезбедувајќи повисоко ниво на услуги и транспарентност и секако, донесувањето на законската регулатива треба да биде низ транспарентен процес, а ќе биде еден значаен чекор кон поефикасна, поодговорна и трансперентна јавна администрација, подвлече Минчев.

Министерот рече и дека нема да има отпуштања од работа. мч/са/

фото: МИА

Остани поврзан