• петок, 27 декември 2024

Почнаа градежни активности за изградба на трет кружен тек во Куманово

Почнаа градежни активности за изградба на трет кружен тек во Куманово
Куманово, 7 мај 2022 (МИА) - Почна проектот за проширување на улицата „Гоце Делчев“ во Куманово како дел од проектот за изградба на нов кружен тек на локалитетот „Серава“, соопштија денеска надлежните. Активностите на терен веќе се отпочнати. - Започна проектот за проширување на улицата „Гоце Делчев“ и изградба на нов кружен тек на локацијата „Серава“, односно крстосницата помеѓу улиците „Гоце Делчев“, „Бајрам Шабани“ и булеварот „Трета Македонска Ударна Бригада“. Садниците кои беа позиционирани на оваа локација се времено стручно отстранети и ќе бидат повторно вратени на соодветна локација опфатена со овој проект, објави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Кружниот тек, сметаат надлежните од општината, ќе придонесе за растоварување на сообраќајниот метеж во центарот на Куманово. Ова ќе биде трет кружен тек во градот. На тендерот за изградба на овој кружен тек по претходно објавен оглас на општината се пријавиле две компании, избрана е кумановската „КООП ИНЖЕНЕРИНГ“. Општината од буџетот одвои 14 милиони 997 илјади 800 денари со вклучен ДДВ за реализација на проектот, стои во склучените договори на електронскиот систем на јавни набавки. Договорот е склучен на 23 март, годинава. Во моментов, интензивно се гради втор кружен тек на локација кај Митев мост помеѓу двата булевари „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“, за што од општинскиот буџет се одвоени над 35, 8 милиони денари, чија изградба се очекува да заврши до средината на летото. За првиот кружен тек, изграден пред две години Куманово одвои над 20 милиони денари. ам/мс/

Остани поврзан