Почина влијателниот грчки бизнисмен Вардис Вардинојанис
- Според телевизијата „Скај“, неговото богатство се проценува на 2,7 милијарди долари. Тој беше вклучен на листата на „Лојдс“ меѓу највлијателните луѓе во светското поморство и на „Форбс“ меѓу најбогатите луѓе во светот.
Атина, 12 ноември 2024 (МИА) - На 91-годишна возраст денеска почина Вардис Вардинојанис – грчки бизнисмен и основач на истоимената економска групација, една од највлијателните фактори во грчката економија, објави АНА-МПА, повикувајќи се на соопштение од неговото семејство.
Вардинојанис е роден во 1933 година во Ретимно, Крит. Тој завршил воена поморска академија и служел во морнарицата.
Беше еден од основачите на нафтената компанија „Мотор Оил“ (Грција) и од 1972 година беше член и претседател на Управниот совет. Компанијата се занимава со преработка на нафта, трговија со течни горива, производство и снабдување со електрична енергија, како и обновливи извори на енергија.
Економската група „Вардинојанис“ има интереси во повеќе сектори, како финансиски услуги, медиуми, туризам и спорт, и е активна и во Грција и во странство. Вардинојанис во разни периоди ги контролирал телевизиите „Мега“, „Стар“ и „Алфа“, банката „Пиреос“, бродската компанија „Анек“ и други, потсетуваат грчките медиуми.
Според телевизијата „Скај“, неговото богатство се проценува на 2,7 милијарди долари. Тој беше вклучен на листата на „Лојдс“ меѓу највлијателните луѓе во светското поморство и на „Форбс“ меѓу најбогатите луѓе во светот.
Со својата сопруга Мариана, која почина минатата година, Вардинојанис беше поврзан со бројни добротворни активности.
Иако беше познат по својот став против воената диктатура во Грција (1967-1974), во 1990 година беше мета на напад од левичарската терористичка група „17 ноември“.
Бизнисменот и неговата сопруга имаа пет деца. ссм/
фото: архива