• сабота, 23 ноември 2024

Постојаната посветеност кон знаење и работењето со пасија резултираат со успех, порачува водечкиот светски консултант д-р Адижес

Постојаната посветеност кон знаење и работењето со пасија резултираат со успех, порачува водечкиот светски консултант д-р Адижес

Скопје, 21 мај 2022

Во организација на М6 Едукативниот центар, вчера во Македонската филхармонија се одржа настанот „Разговори со Адижес – Инспирација и решенија”, во рамки на платформата „Чекор напред”. На настанот, македонските менаџери, претприемачи, лидери, претставниците на академската заедница и млади амбициозни луѓе имаа ретка можност во живо да ги чујат пораките на д-р Исак Адижес, еден од водечките светски консултанти.

Во преполната сала во Македонската филхармонија, д-р Адижес зборуваше за премостување на предизвиците и креирање нови можности за раст и развој во услови на брза глобална транзиција предизвикана од технолошкиот развој. Споделувајќи ги искуствата од неговата соработка со голем број светски компании од различни индустрии, д-р Адижес на овој престижен настан се фокусираше на промената како константа, на клучните нешта што лидерите треба да ги имаат на ум кога ги формираат своите тимови, истакнувајќи дека постојаната посветеност кон знаење и работењето со пасија резултираат со успех.

Познат по својата методологија за трансформација на организациите, која е рангирана помеѓу ТОП 10 менаџмент методологии во светот и се применува во повеќе од 1.000 интернационални организации, д-р Адижес на настанот во Скопје се осврна и на нејзините основи. “Животниот циклус на компаниите е составен од фази идентични со оние на живите организми. Развојниот циклус е еволутивен и идентичен и за малите и за големите компании, и сите тие минуваат низ предвидлив циклус на раст. Знаејќи ги овие фази, можете да ја идентификувате моменталната фаза во која се наоѓа една компанија”, е само една од многуте силни пораки кој тој ги упати кон публиката.

Дополнително, д-р Адижес ја истакна важноста од грижата за здравјето на компаниите во секоја од развојните фази низ кои тие минуваат. Во голем дел од овие фази, промените и нивната имплементација се неизбежни и токму тука е умешноста на менаџерите да успеат да го задржат потребното ниво на мотивација и синергија во своите тимови.

Интересен е фактот што д-р Адижес ја пресликува оваа методологија и на микро и на макро системите, од семејството како функционална единица, преку компаниите, до државата.

Д-р Исак Адижес е по потекло од Македонија, а својата кариера ја градел во САД, каде бил и професор на неколку престижни универзитети меѓу кои и Универзитетот Стенфорд и Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (University of California Los Angeles - UCLA). Тој е основач на „Адижес институтот” во Калифорнија и еден од водечките светски консултанти, а негови клиенти се голем број компании кои се наоѓаат на листата Fortune 500.

И македонските компании имаат можност да научат повеќе за методологијата на Адижес, преку програмата Адижес онлајн за која единствен и официјален застапник е М6 Едукативен центар. Во рамки на специјално изработената платформа, преку персонализиран пристап, компаниите и поединците имаат пристап до повеќе од 300 часови дигитални лекции, видеа, литература, а имаат можност и за директни консултации со тимот на Адижес институтот.

Настанот е во рамки на програмата на М6 за развој на Менаџментот во државата, а со поддршка на Владата на Швајцарија преку швајцарскиот проект „Образование за вработување“ – Е4Е@мк, спроведуван од Хелветас.

М6 Едукативен центар 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан