• понеделник, 16 декември 2024

Поранешниот шеф на разузнувањето назначен за нов командант на пакистанската армија

Поранешниот шеф на разузнувањето назначен за нов командант на пакистанската армија
Исламабад, 25 ноември 2022 (МИА) - Поранешниот началник на службата за разузнавање, генерал-полковникот Сиед Асим Мунир, е назначен за началник на армијата на Пакистан. Мунир, генерал со највисок чин во земјата и поранешен началник на меѓуслужбеното разузнавање (ИСИ), ќе ја преземе функцијата од генералот Камар Џавед Бајва кој ќе се пензионира на крајот на месецов. Пакистанската армија често е обвинувана за мешање во политиката на Пакистан, земја во која се извршени бројни преврати и држава долго време управувана токму од генерали од нејзиното формирање во 1947 година, па оттаму назначувањето нови армиски лидери е мошне политизирано прашање. Новиот началник на армијата ќе има многу задачи кога ќе ја преземе функцијата бидејќи Пакистан се соочува со растечка економска криза и со последиците од најголемите поплави во историјата на државата. Исто така, началникот на армијата треба да управува и со нестабилните односи со соседна Индија. Началникот на армијата во заминување, Бајва, завчера рече дека армијата често била критикувана и покрај тоа што целосно е ангажирана во служба на нацијата. „Главната причина за тоа е мешањето на војската во пакистанската политика, што е противуставно“, рече тој. Пакистан е држава со 220 милиони жители, во која имаше три воени удари и со која управувале четири различни воени лидери. аб/

Остани поврзан