• вторник, 24 декември 2024

Поплавени куќи, улици, прекини во снабдувањето со струја - невремето предизвика хаос во скопско, кумановско и тетовско

Поплавени куќи, улици, прекини во снабдувањето со струја - невремето предизвика хаос во скопско, кумановско и тетовско

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Поплавени се куќи, улици, имало пријави и за прекини во електричната енергија, по синоќешното невреме што ги зафати скопскиот, кумановскиот и тетовскиот регион.

На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК), биле пријавени, а сѐ уште и се пријавувале, поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, автомобили и слично.

- Сите информации беа соодветно селектирани и пренесени до надлежните во локалните самоуправи и до надлежни служби и институции, потенцираат од ЦУК изутринава.

Во текот на ноќта по невремето што го зафати скопскиот регион, имало шест пријави за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки, четири за скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични и телефонски кабли, осум за поплавени куќи, за поплавени подрумски простории и гаражи - 12, за поплавени улици - пет, за проблеми во снабдувањето со електрична енергија - три, за оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради -  четири и уште толку за оштетени патнички моторни возила.

Во општина Куманово, исто така, имало голем број пријави за паднати дрва и поплавени улици во повеќе населби. Но и за поплавени површини, дворови, подрумски простории и приземни објекти и куќи.

Според податоците, по обилните врнежи дожд на тетовска територија, блокиран бил локален пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна што бил преполн со вода и каде имало едно заглавено возило. Евидентирани се запушени канализации во горниот дел од градот и во Голема Речица. Голема количина вода имала навлезено во приватни куќи, во дворови и во подруми.

- Општинскиот кризен штаб беше активен и од ЈКП „Канализација“ од Тетово и другите надлежни општински служби и институции испраќаа тимови и поединци на интервенција, пишува во соопштението.

Се апелира на внимателност пред и за време на најавените локални временски нестабилности.

Според најавата од УХМР, до утре ќе се задржи променливото време - нестабилно, посвежо, со пороен дожд и грмежи.

За викендот се очекува времето да биде стабилно и потполо, а нови грмежи и пороен дожд се очекуваат од понеделник во доцните попладневни часови. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан