• вторник, 26 ноември 2024

Политико: Зеленски жестоко го нападна Радев за ставот за вооружувањето на Украина

Политико: Зеленски жестоко го нападна Радев за ставот за вооружувањето на Украина

Софија, 7 јули 2023 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчерашната средба во Софија, која ја снимија телевизиските камери, ја искористи за вербално да го нападне својот бугарски колега Румен Радев. Зеленски го критикуваше дека се противи на дополнителното вооружување на украинските сили, пренесува Политико.

Бугарскиот претседател Радев, видно изненаден од огорченоста на Зеленски, побара од камерите да ја напуштат просторијата во претседателската палата каде се снимаше средбата.

Зеленски ја посети Бугарија првенствено за да се сретне со прозападната администрација на премиерот Николај Денков, која го поддржа извозот на оружје во Украина и исто така истражува начини за продажба на цивилна нуклеарна опрема.

Радев на средбата со украинската делегација, како што пренесува Политико, се обидел да им го објасни својот став дека „нема воено решение“ и дека „се повеќе оружје нема да го реши проблемот“, на што Зеленски му одговорил со презир.

-Не дај Боже да ти се случи трагедија и да си на моето место. А ако луѓето со заеднички вредности не помогнаа, што би направил? Ти би рекол: Путин, те молам граби бугарска територија? Кремљ започна војна за уништување против Украинците. Не, вие како вистински претседател, сигурен сум дека нема да ја загрозите вашата независност. Ваше право е да не ја поддржувате помошта за Украина. Но, навистина би сакал правилно да ме разберете, рече Зеленски.

Дополнително, Зеленски го критикувал Радев дека инвазијата на Москва главно ја опишува како „конфликт“, а не како војна, и за нејасните тврдења дека војната се проширува и „го проширува својот просторен опсег“. Тој ги отфрли неговите предлози за дипломатско решение, нагласувајќи дека Кремљ започнал „војна за уништување против Украинците, а не против други земји“. мс/

фото: Јутјуб/скриншот

Остани поврзан