• вторник, 24 декември 2024

Познати сите кандидати за еврокомесари, освен белгискиот 

Познати сите кандидати за еврокомесари, освен белгискиот 

Брисел, 2 септември 2024 (МИА) - До 30 август, рокот кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен им го постави на земјите членки на ЕУ да предложат кандидати за идни еврокомесари, своите номинации ги доставија сите држави од Унијата, освен Белгија.  

Она што е засега познато е дека белгискиот кандидат за еврокомесар, согласно договорот меѓу партиите од очекуваната следна владина коалиција во Белгија, ќе биде од редовите на либералното франкофонско Реформско движење (МР). Се очекуваше до петокот партијата да го направи својот избор и партискиот лидер и белгиски сенатор Жорж-Луј Буше да му го соопшти името на кандидатот за еврокомесар на премиерот во заминување на Александер Де Кро, но тоа не се случи. 

За најверојатен кандидат се смета актуелниот белгиски еврокомесар Дидие Рејндерс, иако во игра се и имињата на поранешната премиерка и сегашна европратеничка Софи Вилмес и на актуелната шефица на белгиската дипломатија Хаџа Лабиб. Сепак, МР не го направи својот избор, иако во четвртокот Буше вети дека тоа ќе се случи до крајниот рок поставен од Фон дер Лајен. 

- Одлуката околу името (на кандидатот) се уште не е донесена, но можам да кажам дека Белгија ќе може да ја поднесе својата номинација во поставениот рок, изјави Буше.  

Останува белгискиот кандидат за еврокомесар да биде избран деновиве, со што ќе се заокружи листата на сите номинирани за членови на Колеџот на комесари. 

Австрија го предложи министерот за финансии Магнус Брунер од редовите на конзервативна Австриската народна партија, членка на блокот на десно центристичката Европска народна партија (ЕПП) на Фон дер Лајен. Виена би сакала Брунер да го наследи својот сонародник Јоханес Хан на функцијата еврокомесар за буџет и администрација, што е малку веројатно, бидејќи по традиција претставник на една земја членка не раководел со ист ресор во две последователни Еврокомисии. Сепак, Австрија се надева на некој економски ресор, пред се конкурентноста, имајќи ги предвид квалификациите на Брунер како поранешен политички директор на Австриската стопанска федерација. 

Бугарија е единствената земја членка на ЕУ што го испочитува барањето на Фон дер Лајен за предлагање на по двајца кандидати за еврокомесари, еден маж и една жена, и ги номинираше поранешната шефица на дипломатијата и актуелна пратеничка во бугарското Собрание, Екатерина Захариева од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)/ЕПП на Бојко Борисов и екс-министерот за животна средина и води и член на Европската климатска фондација Јулијан Попов, кој не е член на ниту една партија, но е предлог на либералната партија Продолжуваме со промените (ПП). За Захариева, Софија би го сакала ресорот поврзан со регионалната политика, а за Попов енергетиката или социјалната политика. 

Грција го номинираше гувернерот на грчкиот регион Централна Македонија и поранешен претседател на Европскиот комитет на регионите Апостолос Цицикостас од партијата Нова Демократија (НД)/ЕПП, за кого Атина го бара ресорот транспорт. Како можно портфолио за Цицикостас се споменува и проширувањето, што е малку веројатно дека би можел да го добие, имајќи го предвид неговото противење на Преспанскиот договор.  

Данска го предложи својот актуелен министер за развојна соработка и глобална климатска политика и поранешен европратеник Дан Јоргенсен од партијата Социјалдемократи (С), членка на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и Копенхаген се надева дека ќе добие портфолио поврзано со климата или енергијата. 

Естонија овој пат беше „поштедена“ од номинирање на еврокомесар, бидејќи нејзиното место во Еврокомисијата е резервирано за поранешната премиерка и европратеничка Каја Калас од Реформската партија, дел од либералниот блок Да ја обновиме Европа (РЕ), која Советот на ЕУ во јуни ја предложи за висока претставничка за надворешна политика и безбедност. 

Ирска го номинираше министерот за финансии Мајкл Мекграт од Фиана Фојл-Републиканска партија (ФФ)/РЕ, за кого Даблин се надева дека ќе наследи ресорот на актуелната ирска еврокомесарка за финансиска стабилност и услуги и пазарите на капитал. 

Италија го избра својот министер за европски прашања и кохезивна политика и поранешен европратеник и претседател на регионот Апулија, Рафаеле Фито. Тој е поранешен член на демохристијанската партија Форца Италија (ФИ), која ја напушти за да се приклучи на десничарската Браќата на Италија (ФДИ), од алијансата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) на италијанската премиерка Џорџиа Мелони. Рим се надева дека Фито ќе добие „значаен“ ресор поврзан со економските или регионалните прашања. 

Кипар се реши да го номинира поранешниот министер, кој има раководено се ресорите за земјоделство, образование и за културата, Костас Кадис, за кого Никозија го посакува новиот ресор за Медитеранот. Кадис не е член на ниту една партија.  

Актуелниот еврокомесар за трговија и поранешен летонски премиер и европратеник Валдис Домбровскис од либерално-конзервативната партија Единство (В)/ЕПП е предлогот на Летонија за иден член на ЕК. Тоа би бил трет на Домбровскис во Еврокомисијата, откако претходно беше комесер за финансиски услуги и пазарите на капитал, па Рига се надева дека би бил соодветен кандидат за некој економски ресор. 

Литванија го номинираше актуелниот европратеник и поранешен премиер Андриус Кубилиус од Татковинската унија – Литвански христијански демократи (ТС-ЛКД)/ЕПП, за кого Вилнус ги посакува ресорите проширување или конкурентност. 

Кандидат на Луксембург за иден комесар е европратеникот Кристоф Хансен од Христијанско социјалната народна партија (ЦСВ)/ЕПП. Имајќи го предвид неговото искуство во Европарламентот поврзани со регулативите за Заедничката земјоделска политика, Луксембург се надева дека тој би бил „најкомпетентен“ кандидат за ресорот земјоделство. 

Малта го номинира шефот на Кабинетот на малтешкиот премиер Роберт Абела, Глен Микалеф, кој е првиот кандидат за еврокомесар кој не е професионален политичар, туку државен службеник. За време на последното претседавање на Малта со ЕУ беше раководител на одделот кој работеше на процесот на Брегзит, а кус период беше и асистент на СД во Европарламентот.  

Изборот на Полска е полскиот амбасадор во ЕУ и близок соработник на премиерот Доналд Туск, Пјотр Серафин, кој не е член на ниту една партија, но се смета за наклонет кон Граѓанската платформа (ПО)/ЕПП. За време на мандатот на Туск како претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година, тој беше шеф на неговиот кабинет, а од 2020 до 2023 година и директор на Генералниот секретаријат на ЕУ за транспорт, телекомуникации и енергија. Варшава се надева дека Серафин ќе го добие раководењето со буџетското портфолио. 

Поранешната португалска министерка за финансии Марија Луис Албакерки од Социјалната демократска партија (ПСД)/ЕПП е кандидатката на Португалија за еврокомесарка, за која Лисабон бара некој економски ресор.  

Романија го номинира потпретседателот на Европскиот парламент Виктор Негреску од Социјалдемократската партија (ПСД)/СД, кој како европратеник има искуство со прашања поврзани со Буџетот на ЕУ, па Букурешт се надева на ресорот буџет, но би бил задоволен и со регионалната политика. 

Предлог на Словачка е актуелниот потпретседател на Европската комисија за зелениот договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович, кој е член на партијата Насока – Социјална демократија (Смер-СД), која е суспендирана од членството во СД поради коалицирање со екстремната десница. Шефчович е член на ЕК од 2009 година и во претходните мандати беше еврокомесар за енергија и за образование, култура и млади и доколку биде реизбран ќе стане комесар со најдолг стаж. Тој има искуства и со справувањето со предизвиците поврзани со Брегзит, финансиските кризи и Ковид пандемијата, поради што се смета за кандидат кој би можел да раководи со повеќе различни ресори. 

Словенија го номинира поранешниот претседател на Словенечкиот суд на ревизори, Томаж Весел, кој не е член на ниту една партија, но е поврзан со Движењето Слобода (ГС)/РЕ на премиерот Роберт Голоб. Љубљана би сакала Весел да го добие ресорот финансии, буџет или проширување. 

Актуелниот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој е независен но поврзан со партијата Фидес, дел од десничарскиот блок Патриоти за Европа (ПФЕ), е предлогот на Унгарија за иден член на ЕК. Будимпешта би сакал Вархеји да го задржи сегашниот ресор. 

Изборот на Финска е поранешната европратеничка и министерка за образование, за јавна администрација и за транспорт Хена Виркунен од Националната коалициска партија (КОК)/ЕПП. За неа во Хелсинки ги посакуваат ресорите конкурентност, безбедност, проширување или одбрана. 

Франција го предложи актуелниот комесар за внатрешен пазар Тјери Бретон, кој официјално е непартиски кандидат, но важи за близок до партијата Ренесанса/РЕ на францускиот претседател Емануел Макрон. Париз се надева дека тој во новата Еврокомисија ќе го добие раководењето со „проширен“ ресор што би ги вклучува информатичко технолошката безбедност и одбраната. 

Предлог на Холандија е актуелниот комесар за климатска акција Вопке Хукстра од партијата Христијанско демократски повик (ЦДА)/ЕПП, кој се надева дека во новата Европска комисија ќе  

Хрватска ја номинираше актуелната еврокомесарка за демократија и демографија и поранешна хрватска вицепремиерка Дубравка Шуица од Хрватската демократска заедница (ХДЗ)/ЕПП, за која Загреб би сакал да го добие ресорот проширување, да го задржи сегашното портфолио или евентуално да го преземе раководењето со политиката на кохезија. 

Изборот на Чешка за комесар е актуелниот чешки министер за индустрија и трговија Јозеф Сикела, кој е непартиски кандидат, но е близок до партијата Градоначалници и независни (СТАН)/ЕПП, која и го номинираше за министерската функција. Најпосакуван ресор за него е енергетиката, но Прага би била задоволна и со конкурентноста или внатрешниот пазар. 

Шведска ја номинираше министерката за европски прашања и нордиска соработка Јесика Розвол од Умерената коалициска партија (М)/ЕПП и Стокхолм пледира таа да раководи со некој од ресорите поврзани со безбедноста, климата, конкурентноста или почитување на владеењето на правото. 

Актуелната министерка за еколошка транзиција Тереза Рибера од Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ)/СД е кандидатот на Шпанија за еврокомесарка и Мадрид очекува таа да го добие ресорот за животна средина. 

По заокружувањето на номинациите на кандидатите за еврокомесари, Фон дер Лајен ќе има разговор со секој од нив, по што до Европскиот парламент ќе ја достави предлог листата на членови на новата Комисија со ресорите со кои ќе раководат. По ова ќе следи сослушување и потврдување на кандидатите за еврокомесари во соодветните ресорни комитети на Европскиот парламент, по што европратениците треба да гласаат за избор на ЕК на пленарно заседание. На крајот Комисијата треба и формално да биде одобрена и од Советот на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан