• понеделник, 15 декември 2025

Пожари на објекти во Дебарско главно од неисчистени оџаци, апел за редовно чистење 

Пожари на објекти во Дебарско главно од неисчистени оџаци, апел за редовно чистење 

Дебар, 14 декември 2025 (МИА) – Од дебарската Tериторијална противпожарна единица потврдуваат дека пожарите во зимската сезона во објекти, главно се предизвикани од неисчистени оџаци поради што редовно апелираат до граѓаните за нивно редовно чистење. И оваа зима поголемиот број од домаќинствата во ова подрачје за затоплување на домовите користат огревно дрво.

-Чистењето на оџаците спречува појава на пожари. Со нивно редовно чистење, што подразбира два до трипати во годината, се избегнуваат пожари во објекти. Ваков случај имавме деновиве кога настана пожар во куќа сопственост на У.К. во Дебар. Интервениравме веднаш по дојавата, за среќа повредени лица немаше, но, беше предизвикана голема материјална штета, вели Џетан Мифтароски, командир на единицата.

Според него, во изминатиот период од годнава евидентирани се вкупно 108 интервенции, што е речиси идентична бројка како и во истиот период минатата година, кога имале 110 интервенции, но, материјалната штета е помала од лани.

-Од вкупната бројка на интервенции 18 се во објекти, 64 се пожари на отворен простор, 23 се технички интервенции и 3 се интервенции при сообраќајни несреќи. Интервенираме на подрачјето на општините Дебар, Центар Жупа, како и Маврово и Ростуше, подрачјето на Река, посочува Мифтароски.

Четиринаесетте дебарски пожарникари по потреба, од хуман аспект, интервенираат и во пограничниот регион на соседниот албански округ Пешкопеја, што е врз основа на договор меѓу локалните власти. Токму една од интервенциите на отворен простор е на албанска територија, во близина на границата. вт/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан