Поднесени иницијативи за изработка на физибилити студија за јавни претпријатија за производство на електрична енергија
- Во сите општини во Македонија, каде Левица има свои советници или советничка група, поднесе Иницијативи за донесување Одлука за изработка на физибилити студија – со цел основање на ЈП за прои
Скопје, 26 септември 2022
Во сите општини во Македонија, каде Левица има свои советници или советничка група, поднесе Иницијативи за донесување Одлука за изработка на физибилити студија – со цел основање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија.
Со формирање на ова Јавно Претпријатие (ЈП) за производство и продажба на електрична енергија се отвара можност општината да приходува од овие дејности, со што за краток период ќе го амортизира финансискиот удар од високата цена на струјата, а на долг план, со добро менаџирање на ЈП, да остварува и финансиска добивка, која би ја инвестирала во подобрување на условите за живот на жителите.
Во првата фаза, првична цел на овие ЈП е да изградат фотоволтаични централи на сите поволни локации (кровови на училишта, градинки, општински згради, спортски сали итн.) кои ги стопанисува општината чиј основач е.
Во втора фаза – да инвестира во производствени капацитети за електрична енергија на поволни локации во рамките на територијата на општините, со што ќе го зголеми потенцијалот за развој на општинско ниво и ќе претставуваат енергетски независни општини.
Додека во трета и последна фаза, ова ЈП самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на Општината и нејзините институции, јавните претпријатија основани од општината и други потрошувачи.
Енергетскиот сектор мора да биде во наша сопственост, не смее да се дозволи да премине во рацете на поединци, како што е во моментов.
Затоа, оваа иницијатива на советниците, изработена од Секторот Енергетика на Левица , е најефикасното и најефективно решение за справување со моменталната енергетска криза.
Левица
_______________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.