• сабота, 23 ноември 2024

Повик за парична награда за освоени награди и медали по математика, информатика и природни науки

Повик за парична награда за освоени награди и медали по математика, информатика и природни науки
Скопје, 15 март 2022 (МИА) – Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, на ученикот, на наставникот кој му го предава предметот од овие области, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот. На Јавниот повик може да се пријават ученици, наставници и ментори кои се македонски државјани, за освоена награда/медал од наведените области на меѓународен натпревар  одржан во учебната  2021/2022 година. - Под меѓународен  натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави, на кој се споредуваат знаењата помеѓу учениците од различните држави и се врши рангирање на најдобрите ученици од сите земји кои учествуваат. За меѓународни натпревари кои се спроведуваат по електронски пат на далечина не се доделува парична награда, како и за меѓународните натпревари кои се однесуваат на проекти. Исто така,  МОН не доделува парична награда за освоени први, втори или трети места на натпреварот за популаризација на математиката „Кенгур” бидејќи не е меѓународен натпревар, наведува МОН во објавениот повик. Министерството за образование и наука ќе додели поединечно парична награда во износ од 100 проценти од просечната нето плата исплатена по работник во државава во последниот месец пред доделувањето на наградата за освоена прва награда/златен медал, 80 проценти за освоена втора награда/сребрен медал и 60 проценти за освоена трета награда/бронзен медал. Рокот за пријавување е 31 август 2022. Во јавниот повик се наведени условите и начинот на пријавување за награда, потребната документација и се достапни за преземање пријавата и обрасците за изјава кои треба да се поднесат при аплицирањето. хс/дма/    

Остани поврзан