• петок, 08 ноември 2024

Повеќе од 9.000 загинати во двата земјотреса во Турција и Сирија

Повеќе од 9.000 загинати во двата земјотреса во Турција и Сирија

Анкара, 8 февруари 2023 (МИА) - Бројот на жртвите од разорниот земјотрес во Турција се зголеми на 6.957, соопшти Управата за вонредни состојби. Повредени се 38.224 лица, јави Анадолија.

Тешко е да се потврди бројот на загинати во Сирија, но нејзините државни медиуми и спасувачките служби кои работат во северозападниот дел велат дека тој број надмина 2.500.

Спасувачката група „Бели шлемови“, која дејствува во областа под контрола на бунтовниците, на Твитер објави дека бројот на жртви во тие области надминал 1.280 и дека има повеќе од 2.600 повредени.

„Бројот се очекува значително да се зголеми бидејќи стотици семејства се под урнатините, повеќе од 50 часа по земјотресот“, објави групата „Бели шлемови“.

Би-би-си денеска јави дека во Турција и Сирија, како резултат на двата разорни земјотреса, загинале повеќе од 9.000 луѓе, а се стравува дека бројот драстично ќе се зголеми.

Како што се наведува, повеќе од 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од оваа катастрофа.

Вработените во итната помош поминаа уште една студена ноќ за да ги спасат луѓето заробени под урнатините на илјадници згради.

Роднини на жртвите се приклучија во спасувањето во еден од најтешко погодените градови во Турција, додека некои семејства се пожалија дека на спасувачките служби им треба премногу долго за да реагираат во некои области.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи тримесечна вонредна состојба во Турција во 10-те најпогодени провинции.

Земјите низ светот испраќаат помош - специјализирани тимови, кучиња трагачи и опрема.

Дел од меѓународната помош пристигнува во Сирија, но пристапот е ограничен поради оштетените патишта. паг/

 

 

Остани поврзан